Вести Свет

Европските институции им забранија на своите прес служби да користат содржини направени со вештачка интелигенција

Институциите на Европската Унија им забранија на своите вработени да користат содржини генерирани со вештачка интелигенција во официјалните комуникации

Во услови на зголемен надзор врз употребата на вештачката интелигенција и длабоките фалсификати (deepfakes) онлајн, Европската Комисија, Европскиот Парламент и Советот на ЕУ спроведуваат политики со кои им забрануваат на своите прес-служби да користат целосно AI-генерирани видео содржини целосно создадени со помош на вештачката интелигенција, пишува POLITICO.

Како што пишува медиумот, ова е јасен контраст со пристапот во Вашингтон, каде што американскиот претседател Доналд Трамп често користи содржина генерирана со ВИ за да ги пренесе своите пораки, вклучително и видеата за неговите амбиции за Појасот Газа.

Додека ставот на Брисел има за цел да ја заштити кредибилноста на пораките, тој исто така отвора прашања за способноста на ЕУ да остане релевантна во ера кога креативната употреба на ВИ во политичката комуникација е во подем.

ЕУ „со право најпрво размислува за ризиците: дали содржината може да се смета за измамничка или штетна, дали имитира реалност и дали може да се обезбеди јасна одговорност и транспарентност“, изјави Александру Воика од британската компанија Синтезија.

Сепак, некои се прашуваат дали целосна забрана е најдобро решение, особено во време на брзи геополитички кризи кога институциите мора да имаат силно онлајн присуство.

„Ризикот дека лажните содржини може да ја нарушат довербата не треба да ве парализира и да не правите ништо“, изјавил за Политико,  Рено Ван Зандик, кој води комуникациска агенција во Белгија.

„Неправењето ништо е исто толку лошо.“ „Одговорната употреба е подобра од целосно воздржување“, додава Валтер Паскварели, советник во ОЕЦД и истражувач на Универзитетот во Кембриџ.

Некои проценки покажуваат дека содржината создадена со вештачката интелигенција веќе ја надминала количината на содржина создадена од луѓе, со околу 8 милиони „deepfake“ видеа споделени онлајн минатата година.

Политичката комуникација не е исклучок. Лажните видеа ги потресоа изборните кампањи од Холандија до Ирска, и политичарите почнаа да ја користат оваа практика.

Трамп користел вештачка интелигенција во 36 објави на неговата платформа Truth Social од инаугурацијата, според Појнтер институтот.

ЕУ намерно избира поинаков пристап.

„Снимките и фотографиите што ги користиме и ги ставаме на располагање за новинарите не вклучуваат содржина генерирана со вештачка интелигенција “, изјави портпаролот на Комисијата.

Тој додаде дека целта е да се „зајакне довербата на граѓаните“ и дека „автентичноста“ е приоритет. Сепак, дозволена е употреба на ВИ за подобрување на квалитетот на сликите.

Ставот на ЕУ ја одразува вистинската загриженост дека сликите и видеата направени со помош на ВИ создаваат конфузија, бидејќи границата меѓу реалното и лажното станува сè понејасна.

„Во време на опаѓање на довербата, има аргумент дека најмоќното нешто што може да го направи една институција е да одбие да игра по тие правила“, вели Паскварели.

Сепак, со избегнувањето да користи вакви содржини, ЕК ризикува да заостанува во време кога дипломатијата сè повеќе се одвива онлајн.

„Брзината и ефикасноста на реакцијата стануваат поважни од кога било“, рече Воика.

Често се наведува примерот со францускиот профил Response на X, преку кој Министерството за надворешни работи на Франција брзо реагира на дезинформации.

Комисијата треба да нагласи дека самата синтетичка содржина не е проблем — проблем е кога таа не е јасно означена, велат експертите.

„Ако институциите никогаш не ги користат овие алатки на транспарентен и одговорен начин, пропуштаат можност да им помогнат на луѓето да разберат како изгледа вештачката интелигенција во пракса“, рече Воика.

Германскиот канцелар Мерц неодамна го направи токму тоа — објави видео со лажна верзија од себе што танцува на Инстаграм, со цел да ги предупреди граѓаните за ризиците и можностите од вештачката интелигенција.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе