Вести Култура

Наградениот од Јадранската мрежа „ Малдорор“ во кината низ Македонија и регионот

Филмот „Малдорор“ на режисерот Фабрис ди Велц, што ја освои наградата на публиката на Јадранската мрежа на фестивали од денеска го започнува репертоарскиот живот низ кината во Македонија . Наградата ја доби на 31. издание на Фестивалот на авторски филм во Белград.

Целта на наградата е промоција и поголема видливост на европските филмови, а благодарение на неа, филмот ќе се прикажува од 19 март до 9 април во градовите низ регионот на поранешна Југославија. Во Македонија проекциите ќе почнат во битолското „Кино Манаки“ – 19. и 21. март и во Центарот за култура- 25. и 26.март. Во Охрид -ФИОФА на 27. и 28. март и во Скопје во Кинотеката на Македонија- 7, 8 и 9 април и во Синеплекс. Филмот ќе се прикажува и во Белград, Сараево, Херцег Нови, Љубљана и Загреб.

  • Малдорор“ е трилер инспириран од вистински настани од Белгија, во средината на деведесеттите години. Приказната започнува кога две девојчиња исчезнуваат, а младиот и импулсивен полициски регрут Пол Шартие е распореден во тајна единица наречена „Малдорор“, формирана за да следи опасен сексуален престапник. Кога операцијата не успева, разочаран од ограничувањата на правниот систем, Шартие се впушта во соло потрага решен да ги пронајде и изведе сторителите пред лицето на правда, се вели во најавата за филмот.

Ова остварување претставува силен и реалистичен приказ на борбата против длабоко вкоренетото зло, но и на општеството кое потфрла пред најранливите. „Малдорор“ е првиот дел од планираната трилогија на Фабрис ди Велц, за темната страна на белгиската историја, моќта и правдата. Филмот имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција.

Критичарите особено го нагласија интензитетот и атмосферата на филмот. Порталот „Screen Daily“ наведува дека „Малдорор“ наликува на епските приказни за злосторства и казна што ја карактеризираа американската кинематографија во седумдесеттите години на 20 век, особено филмовите на Сидни Лумет, додека ди Велц ги претвора вистинските настани во сложена и повеќеслојна приказна за полицаец чија потрага по правда доаѓа во конфликт со сите блиски до него. Растечката тензија, моралните дилеми и личните последици го прават овој филм моќен и возбудлив трилер.

Според порталот Cineuropa, „Малдорор“ е амбициозна и повеќеслојна филмска фреска за Белгија во деведесеттите години – за нејзините институционални дисфункции и колективни трауми, но и за разгранетата природа на злото. Во овој филм, ди Велц се свртува кон полицискиот жанр, носејќи ја публиката во срцето на сицилијанската заедница, во Шарлроа во средината на деведесеттите години, преку приказна инспирирана од случајот на Марк Дитру.

Филмот „Малдорор“ освои најмногу гласови од публиката со сумирање на резултатите од сите фестивали-членки на Јадранската мрежа, вклучувајќи го Филмскиот фестивал во Сараево, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Фестивалот на авторски филмови, Филмскиот фестивал во Загреб и Фестивалот „Браќа Манаки“ во Северна Македонија.

Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион е поддржана од потпрограмата МЕДИА на Програмата „Креативна Европа“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Намален бројот на работници во индустријата

Kristina Kuzmanovski

Израел и Либан донеле одлука за примирје на целата либанска територија

Kristina Kuzmanovski

Германија за првпат не успеа да освои непостојано место во Советот за безбедност на ОН

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе