Вести Македонија Топ вести

Јавните обвинители во одбрана на своите колеги од нападите во случајот „Груби“

Здружението на јавни обвинители (ЗЈО) застана во одбрана на своите колеги кои се мета на политички напади, поради предлогот за замена на затворскиот со домашен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби. Здружението на јавни обвинители апелира до сите политички партии и функционери да не го загрозуваат начелото на поделба на власта.

„Во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите. Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат“, реагира Здружението на јавни обвинители.

Ваквата нивна реакција доаѓа по прозивките од министерот за правда, Игор Филков, но и на претставници на СДСМ, за обвинителот Даниел Коцев и скопскиот обвинител Анел Фидовски кои побараа замена на затворскиот со домашен притвор за Груби, кој ѝ се предаде на полицијата откако беше недостапен 14 месеци. Против нападите врз обвинителите се изјасни и претседателот на Советот на јавни обвинители.

„Неговото прозивање е негов став. Јас сметам дека не држи тоа така, такво прозивање со име и презиме. Треба секој предмет да се гледа сам за себе. Затоа, неговиот став е негов став“, вели претседателот на Советот на јавни обвинители Башким Бесими.

Политичката партија ЗНАМ, пак, застана во одбрана на својот министер Филков.

„Кога министерот за правда, Игор Филков, бара одговорност со име и презиме, не станува збор за мешање во правосудството, туку обид да се врати довербата што беше разнишана во годините кога СДСМ и ДУИ создаваа механизми на селективна правда, кога институциите беа алатки на партиски интереси, а не на граѓаните“, реагира ЗНАМ.

СДСМ продолжува со обвинувањата дека враќањето на Груби е дел од пазарот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби?  Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на Скопското Обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година. Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Груби и поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами се сомничат за проневера во службата при набавката на коцкарски машини за Државната лотарија. Бајрами дека ги набавил, иако знаел дека не смее, а Груби дека ја ставил таа точка на дневен ред на владина седница, иако знаел дека не смее. Одлуката е донесена колективно од целата влада.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Без да се прифатат клучните барања на вработените, усвоени законите за судска и обвинителска служба – синдикатот реагира дека не се гарантира ни независност ни повисоки плати

Дејан Дејан

Болница „Демир Хисар“ прибежиште на осуденици со лажни психијатриски наоди – последиците ги трпат вистинските пациенти кои се малтретирани и заплашувани

Дејан Дејан

(видео)Две млади срнички пресретнати на Шар планина – препорака при ваква средба не го допирајте животното

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе