(ФОТО Илустрација, не е поврзана со веста, извор: МВР) Додека Артан Груби под полициска заштита е во домашен притвор иако 14 месеци беше во бегство, полицаецот кој го пропуштил дента кога замина од Македонија, на 15.12.2024. добил и отказ и условна затворска казна.
Според сознанијата на Телма, полицискиот службеник кој не го задржал поранешниот вицепремиер Артан Груби иако бил на стоп-листа, е осуден на условна затворска казна. Судот го осудил на 2 години затвор кои ќе се извршат доколку осудениот стори ново кривично дело во период од 5 години по правосилноста на пресудата. Истиот полицаец добил забрана за вршење на својата дејност во наредните две години односно не може да биде полицаец во тој период.
МВР пак потврди дека полицаецот е отпуштен, додека за вториот кој бил на смена истото утро е донесена одлука за прераспоредување на пониска позиција.
-По спроведената дисциплинска постапка од страна на Одделот за дисциплински и судски постапки, министерот за внатрешни работи за работникот Б.Ј. донесе Решение за изрекување на дисциплинска мерка, откажување на договорот за вработување, а за работникот Б.А. донесе Решение за изрекување на дисциплинска мерка, распоредување на едно ниво пониско од работното местото на кое дотогаш работел работникот, одговори МВР на прашањата на Телма.
Миомир Серафиновиќ
