Со само три гласа „за“ од пратениците од СДСМ, нивниот предлог за зголемување на минималната плата, не помина во матичната собраниска Комисија за економски прашања. Тие бараат од март годинава минималната плата во државата да изнесува 36.960 денари или 600 евра.
Главен аргумент им е дека, во изминатите две години растат цените на основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци, а динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
Според нивните пресметки, за покривање на синдикалната кошничка која за овој месец е за 920 денари повисока од претходниот и изнесува 61.702 денари, се потребни 2,76 минимални плати. Ако двајца работат со минимална плата, ќе им недостасуваат 18.224 денари.
- Нашиот работник создава околу 34 долари вредност по час што е над светскиот просек од 23, 27 долари. Пресметано на месечно ниво, тоа значи дека создава 297 илјади денари, а добива 24.379 денари минимална плата, осносно, добива помалку од 10 отсто од тоа што го создава. Оттаму, не смееме продуктивноста да ја користима како изговор за ниските плати, рече Фатмир Битиќи од СДСМ.
Социјалдемократите предлагаат предвидените 7,5 милијарди денари, потребни за покачувањето, да се обезбедат со пренамена во рамки на постојниот буџет, со намалување на одредени расходи, без зголемување на буџетскиот дефицит и без ново задолжување, со цел да се зачува и финансиската стабилност на државата.
Пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков, лично го поддржува законот затоа што смета дека минималната плата не е луксуз туку заштита на трудот на работникот кој од сите држави во регионот е најмалку вреднуван кај нас.
- „Минималната плата не е само економска категорија туку и оценка за тоа колку го цениме работникот. Понекогаш мора да носиме политички одлуки кои ќе го заштитата достоинството на работникот“, рече Миле Цеков, Движење ЗНАМ.
Пратениците од владејачкото мнозинство се воздржаа од гласање, но и од дебата на комисијата.Пред седницата, пратеникот Бојан Стојановски го повтори нивниот став дека Собранието не е местото каде што треба да се водат овие разговори.
- „Ние не бегаме од дијалог. Ние не бегаме од разговор за минимална плата. Но, минималната плата мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите, со владата како посредник. Решението мора да биде одржливо за сите инволвирани – за работниците, за работодавачите, за буџетот, за економијата во целост“, изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Со истиот епилог, но без дискусија, заврши и седницата на Законодавно правната комисија. Законот е во редовна постапка, па пратениците своите аргументи ќе ги соочат и на пленарна седница.
Далиборка Демјанска
Б.С.
