Вести Македонија Топ вести

Уапсен 25-годишен кумановец кој се сомничи дека на свиреп начин убил 78-годишна жена

Уапсен е 25-годишен кумановец кој се сомничи дека на свиреп начин ја убил 78-годишна жена која спиела. СВР Куманово поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово против лицето Т.Б. од Куманово, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство“ по член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

Според информациите од полицијата, во периодот од 27 јануари до 12 февруари 2026 година, во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, осомничениот со умисла на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот жената.

Како што соопштуваат од МВР, тој ја искористил околноста што жртвата живеела сама и била во поодмината возраст. Осомничениот влегол во нејзиниот дом додека таа спиела и физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ повеќе удари со кои ѝ предизвикал тешки телесни повреди, од кои починала.

Во изминатите денови биле преземени интензивни и координирани активности од страна на СВР Куманово, Одделот за криминалистичка полиција, Основното јавно обвинителство Куманово, истражниот центар при обвинителството и екипи на Институтот за судска медицина. Обезбедени се докази кои укажуваат на можна поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи на подрачјето на кумановско.

Поради сличностите во изборот на жртвите и начинот на извршување на делото, истражните органи испитуваат дали и во другите случаи станува збор за убиства извршени од ист сторител. За една од потенцијалните жртви вчера била наредена ексхумација и обдукција, при што од телото на починатата биле подигнати траги и ДНК материјал кој е предмет на вештачење.

Од надлежните информираат дека се работи на сложени анализи и вештачења, како и на други истражни дејствија, но поради тајноста на постапката во оваа фаза не се споделуваат дополнителни детали со јавноста.

Осомничениот веднаш по неговото откривање бил лишен од слобода и обезбеден, а по предлог на јавен обвинител му е определена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Без да се прифатат клучните барања на вработените, усвоени законите за судска и обвинителска служба – синдикатот реагира дека не се гарантира ни независност ни повисоки плати

Дејан Дејан

Болница „Демир Хисар“ прибежиште на осуденици со лажни психијатриски наоди – последиците ги трпат вистинските пациенти кои се малтретирани и заплашувани

Дејан Дејан

(видео)Две млади срнички пресретнати на Шар планина – препорака при ваква средба не го допирајте животното

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе