Европскиот совет јавно и недвосмислено да сигнализира дека има намера, брзо и безусловно, да донесе позитивна одлука за отворење на првиот клaстер со Македонија, откако ќе бидат исполнети условите од заклучоците на Советот од 2022 година. Ова го бара Томас Вајц, во Нацрт-извештајот за земјава во Европскиот парламент, кој треба да се најде пред Комитетот за надворшени работи Парламенто на 26 февруари. Притоа Вајц потсетува дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка надвор од процесот на пристапување.
Известувачот за земјава повикува на постепена интеграција на земјава во ЕУ, во што е можно повеќе области, за да им се овозможи на македонските граѓани да имаат корист од интеграцијата уште пред пристапувањето, со пофалба до нив за поддршка која ја даваат за европска интеграција, две децении од почетокот на процесот.
Сепак, и покрај поддршката која Вајц ја бара од европските институции за евроинтеграција на Македонија, тој нотира дека политичката поларизација, ограничената меѓупартиска соработка и намалената јавна доверба во институциите, продолжуваат да влијаат врз спроведувањето на реформите во земјава.
„Забележува дека, иако демократските институции во Северна Македонија функционираат задоволително, политичката поларизација опстојува и ги одложува многу потребните реформи и назначувања. Жали што не се направени обиди за усвојување на уставните измени, потребни за деблокирање на отворањето на кластерот „Основи““, наведува Вајц во Нацрт-извештајот за Македонија.
Вајц во документот изразува загриженост за владеењето на правото, наведувајќи дека судскиот систем, независноста на судовите и обвинителството и напорите за зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата не напреднале доволно.
„Со загриженост забележува дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата и дека корупцијата останува распространета во многу области. Особено повикува на истраги и конечни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, што би можело да послужи како пример дека корупцијата се решава на сите нивоа и дека нема да има неказнивост“, стои во Нацрт-извештајот на Вајц.
Вајц во документот бара и дополнително јакнење на парламентарниот надзор врз извршната власт, забележува дека сеопфатната изборна реформа е сè уште задоцнета; повикува на поголема транспарентност во однос на финансирањето на политичките партии и политичкото рекламирање, а изразува загриженост за кампањите за дезинформации кои ги доведуваат во прашање демократските вредности и целта на земјата за членство во ЕУ.
Во делот за човековите права тој нагласува дека треба да се продолжи со работата за подобрување на состојбата на немнозинските заедници, вклучително и во однос на употребата на јазиците, како и за борба против дискриминацијата и промовирање на различноста.
Во документот Вајц жали што е направено малку во законодавството за животна средина и особено повикува на решавање на квалитетот на воздухот и водата и управувањето со отпадните води, а забележува и дека, покрај новиот Закон за енергетика, земјата сè уште е во голема мера зависна од јаглен.
На Нацрт-извештајот на Вајц, европратениците ќе можат да поднесуваат амандмани од 6 март.
Тамара Грнчароска
