Бројот на пријави за родово базирано и семејно насилство расте. Сепак, голем дел од жртвите и натаму се плашат да го пријават насилството. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права апелираат да побараат помош и да не остануваат сами во процесот. Тие обезбедуваат бесплатна правна помош.
- „Сите граѓани кои имаат прашање или нешто што ги интересира може да побараат помош кај нас. Тоа значи дека ние може да ги водиме низ процесот, да им помагаме, да им обезбедиме придружба доколку е потребна во некој случај и секако да го следиме постапувањето на институциите“-Тона Карева Талеска, Хелсиншки комитет за човекови права.
Оттаму посочуваат дека институциите понекогаш потфрлаат во реакциите.
- „Мислам дека сите сме сведоци дека не секогаш институциите постапуваат соодветно со оглед на бројот на фемициди и статистика на родово базирано насилство и семејно насилство кое се случува секоја година“ -Тона Карева Талеска, Хелсиншки комитет за човекови права.
Според податоците на МВР бројот на убиства на жени се менува од година во година, додека семејното насилство бележи пораст.На пример, пред четири години, во 2022-ра имало два фемициди, а во 2023-та девет жртви на фемицид.

Бројот на кривични дела каде најголем дел од жртвите се жени со години не паѓа под илјада.

Последниот случај на насилство врз жена е регистриран викендов. 52- годишен маж ја нападнал својата дваесет години помлада бремена партнерка, која едвај се спасила и завршила со хематоми на главата и телото.
Тамара Марковска
Б.С.
