Околу осум илјади вработени во правосудството и управата во април ќе добијат осум проценти покачена плата заедно со околу 1.600 денари колку што ќе се зголеми минималецот како дел од пакетот кој го предложи Владата а кој е прифатлив за двата синдикати, УПОЗ и КСС.
Пактот на Владата вклучува и откажување од Општиот колективен договор и потпишување на индивидуални договори, а за возврат во март оваа и наредните две години вработените ќе добијат по осум проценти повисоки примања или вкупно 24 отсто како и сумата од законското зголемување на минималецот во истиот период.
- УПОЗ: „Од досега пристигнати изјаснувања, 95% од синдикалните организации се изјаснија дека барањата на Синдикатот на УПОЗ кое е прифатено од страната Владата за зголемување на платите е по поволно и прифатливо. По изјаснување на сите синдикални организации, Синдикатот на УПОЗ во текот на наредната недела, ќе оствари работна средба со претставниците на Владата на која ќе биде договорен опфатот и теркот на колективниот договор“
Премиерот Мицкоски кажа дека ако синдикатите и владата се на иста линија следната недела ќе почнат да се пишуваат индивидуалните договори и почнувајќи од април годинава заклучно со март 2028 година вработените во управата и правосудството ќе ги добијат трите договорени покачувања на платите.
- „Доколку е се во ред, тогаш во недела би требало конечно да се согласиме, и од понеделник да почне изготвувањето на т.н. темплејт односно примерок како би изгледал тој индивидуален синдикален договор и понатаму нормално тој во различни работни единици ќе се усвојува и врз основа на тоа ќе започне исплатата на платите во април, за мартовска плата оваа година, која би опфатил 8 процентно зголемување на збирот од сегашната плата зголемена за минималната плата што треба да се нивелира. Истото ова би се реплицирало во 2027 година и во 2028 година“ – Христијан Мицкоски.
Од друга страна пак ССМ продолжува со борбата да издејствува што е можно поголемо зголемување на минималецот од законски предвидени 1.600 денари. Идната недела ССМ ќе ги блокира Собранието, работодавачите односно Стопанските Комори како и Владата а поднесоа и предлог до Собранието за намалување на функционерските плати со кратење на коефициентите и воведување на минималната плата како основ за пресметување.
Сè поизвесно е дека функционерите и годинава ќе добијат повисоки плати откако од Владата за Телма одговорија дека годинава усогласувањето на нивните примања ќе биде согласно законите одредби и стандардот имајќи ги предвид економските услови, фискалните можности на државата и потребата од балансиран пристап.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
