Вести Македонија Најважни

ДКСК ѝ отвори два предмета на колешката Цвета Ристовска – таа тврди „нема судир на интереси затоа што фирма на синот земала партиски пари од кампањи“

Антикорупциската комисија отвори два предмета за антикорупционерката Цвета Ристовска, дознава Телма од извори од комисијата. Според истите се работи за проверка на судир на интереси и за непријавување на имот.

Во првиот случај се работи за тоа дека фирма на еден од синовите на Ристовска добивала пари во кампања за претседателските избори во 2024 година. За вториот случај е дека таа не пријавила дека и двајцата синови имаат маркетинг фирми во нејзиниот анкетен лист.

Првиот случај вчера го објави Телма. Во јавно достапни документи се гледа дека фирмата на синот на Ристовска, „Буст Дооел“ добила по 35.000 евра од кампањата на претседателските кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Дафкова од ВМРО-ДПМНЕ. Симптоматично е тоа што токму рекламирањето и финансирањето на кампањите меѓу другите институции го проверува и Антикорупциската комисија. Истата фирма добила пари и за локалните избори во 2021 година од СДСМ, додека тогаш Ристовска била помошник државен ревизор.

Вториот случај го објави партијата Левица, која откри дека Ристовска не ги пријавила фирмите на своите деца во нејзиниот анкетнен лист.

Во одговор на прашањата на Телма Ристовска тврди дека работи законски.

„Во мојата работа до денес постапувам законито, професионално и посветено, со целосен личен и професионален интегритет. Во сите случаи каде постои можност од нестрасност во моето одлучување или се појавува перцепција за можен судир на интереси, постапувам законски и барам да бидам изземена од постапување и одлучување. Оценката за непристрасност се темели и докажува на основа на фактите, документите и одлуките на надлежните институции“, вели Ристовска.

Таа уште вели дека во Државниот завод за ревизија вршела ревизија на политичките партии и изборните процеси заклучно со предвремените Локални избори 2020. На тој начин вели дека нејзиниот син воопшто не учествувал со некаков вработен ангажман, ниту бил дел од активности поврзани со изборите во 2020 година, ниту со кои било претходни избори.

„Моите деца кои од 2017 година од 2019 година не живеат во заедничко домаќинство со мене, својата работа и своите активности ги остваруваат, според законските прописи, без поврзаност со мојот работен статус“, вели Ристовска.

Според Ристовска, работата на комисијата се заснова на колективното одлучување, дефинирање на постапки и распределба на надлежностите.

Инаку Телма пред повеќе од една година го објави скандалот со Ристовска која беше известител во ДКСК за случајот со лажната диплома на директорот на АНБ, Бојан Христовски. ДКСК не виде ништо спорно што тој има сомнителна диплома од универзитетот за туризам, истиот на кој Ристовска порано била предавач.

Левица најави дека најверојатно ќе бара нејзина интерпелација, за што ќе се одлучува во Собранието.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Стара куќа, обрасната со трева, или борова шума, ќе видиме што ќе биде приоритет

Sasko Dimovski

Судир на ставови за новата дозвола на „Титан УСЈЕ“ – граѓаните со критики, институциите во одбрана

Sasko Dimovski

Се прават пресеци, се гасне на земја и од воздух, една куќа во Бучиште изгоре, неколку се опожарени – беснеат пожари во Штип и Пробиштип

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе