Камионџиите се надеваат дека странските инвеститори од ЕУ, кои во земјите од Западниот Балкан досега имаат инвестирано десетици милијарди евра, ќе може да излобираат во нивните матични земји промена на правилата за престој на транспортерите од регионот во Шенген-зоната. Во спротивно, велат, се заканува крах на транспортната индустрија во регионот, но и сериозни проблеми во целата економија.
„Ќе мораат да ангажираат превозници од ЕУ, меѓутоа тие превозници од ЕУ многу ретко доаѓаат на Западен Балкан затоа што има граници, се чека, и цената на превозот им е два до три пати поскапа отколку ние што возиме. Што значи дека сите странски инвеститори кои дојдоа овде за да имаат поевтина работна рака, поевтин превоз и сите други бенефиции, ќе размислуваат да го селат капиталот од Македонија?
Прашање: Или ќе лобираат во нивните држави да се реши проблемот?
„Па поентата на протестот е да лобираат, бидејќи ние ги молевме две години, ама не нè разбираа“, вели Билјана Муратовска, Асоцијација на превозници Макам-транс.
Камионџиите утре напладне почнуваат со блокадите за товарен сообраќај на сите гранични премини за излез од Македонија. Утре на полноќ стапува на сила и блокадата за влез во земјата. Во исто време камионџиите од Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ќе ги блокираат граничните премини во нивните земји кои директно или индиректно водат кон Шенген-зоната. Ќе се пропуштаат само камиони кои превезуваат жива стока, лекови и муниција и експлозив. За блокадите добиле поддршка и од нивните колеги од Косово, Албанија и од Турција. Планирано е блокадите да траат седум дена, но може да прекинат порано ако се појави решение на повидок.
Целта на блокадите е да се натера Европската комисија да ги смени правилата за транспортерите, кои исто како и сите останати луѓе од Западен Балкан, може да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во 180 дена.
„Многу е едноставно решението. Има регулатива во којашто пишува дека екипажите на бродскиот превоз, железничкиот превоз и авиопревозот се изземени од броење на денови, а патниот превоз го заборавиле. Тоа се видови на превоз, дали е со брод, авион, железница или камион, тоа е вид на превоз. Тоа е едното, може да не изземат од правилото, а второто е, зашто така ни навестуваа, ако веќе сакаат да нè контролираат, да издаваат петгодишни визи“, вели Билјана Муратовска од Асоцијацијата на превозници Макам-транс.
На забелешката на ЕУ дека правилото 90/180 не е ново и дека и досега било така, Муратовска вели дека правилото е исто, но Шенген-зоната не е. Во изминатите години влегоа и Хрватска, а од минатата година и Бугарија и Романија, па сега камионџиите кои работат меѓународен превоз многу брзо ги поминуваат тие 90 дена.
Срѓан Стојанчов
