Светот конечно може да здивне. Трамп за прв пат јавно кажа дека САД нема да употребат сила за да ја преземат контролата над Гренланд, островот во Арктикот кој како автономна територија e дел од кралството Данска. Бараме итни преговори за иднината на Гренланд, изјави Трамп, порачувајќи им на тамошните власти и на официјален Копенхаген – кажете ни да, ќе ја имате нашата благодарност, а ако ни кажете „не“, тоа ќе го запаметиме.
„Никогаш не сме барале ништо и никогаш не сме добиле ништо. Веројатно нема да добиеме ништо, освен ако не одлучам да искористам огромна сила и моќ, со која искрено би биле незапирливи. Но! Јас нема да го направам тоа. Во ред? Сега сите може да здивнат: „Уф, добро е!“. Ова е веројатно најголемата изјава која сум ја дал, затоа што луѓето мислеа дека ќе употребам сила. Не морам да користам сила. Не сакам да користам сила. Нема да користам сила“ – изјави Доналд Трамп.
Во долгоочекуваното обраќање, кое со внимание го следеа сите европски и светски лидери, Трамп ги повтори своите веќе добро познати тези: дека САД дале толку многу за светот и за НАТО а не добиле ништо за возврат, дека Гренланд е исклучително важен за националната безбедност на Соединетите држави затоа што бил незаштитен и лоциран на стратешки значајна локација меѓу неговата држава и Кина и Русија, од кои патем е оддалечен повеќе илјади километри.
Додека се држеше до однапред подготвениот говор, пораките на Трамп беа јасно разбрани, но штом почна да импровизира, се појавија и проблемите. Гренланд, островот кој Трамп го нарече исклучително значаен за безбедноста на својата држава, го помеша со еден друг остров во арктичкиот круг.
„Се до неодамна, кога им кажав за Исланд, сите ме сакаа! Ме викаа „тате“ (изјава на Марк Руте). Последниот пат еден многу паметен човек, ме нарече: „тате“! Тој е главен. Јас бев главен. Од главен таму (НАТО), наеднаш станав ужасен човек. Но, тоа што сега го барам е парче мраз! Ладно и на лоша локација, која може да има витална улога за мирот во светот и заштитата на светот. Тоа е многу мало барање, во однос на тоа што им го дадовме многу децении“ – додава Трамп.
Заканите за воведување нови царини за 8 европски земји, поради нивната опозиција на американските намери да го преземат Гренланд од Данска само дополнително ја зголемуваат загриженоста од, во најмала рака, економска конфронтација меѓу најголемиот трговски блок на светот и САД.
Но, за разлика од минатогодишната европска агонија по првичното воведување на царините, Европа овој пат е подготвена да се спротивстави. Се поголем е бројот на земји членки кои сакаат Брисел да ги употреби бројните инструменти кои ги има за економска одбрана, меѓу кои најзвучниот секако е т.н трговска базука, односно инструментот против принуда како што е официјалното име.
Земјите кои на Вашингтон сакаат да му порачат „доста е“ ги предводи Франција а на тоа е подготвена и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Никола Илиевски
