Ми се јави во сон каде се наоѓа и бараше да ја спасам. Вака педесет и едно годишниот скопјанец се обидувал да ги излаже обвинителите на прашањето како го нашол телото на неговата сопруга во пустелија на дваесетина километри од нивниот дом во селото Таор.
По неколкучасовно испрашување тој го признал и го опишал убиството и веќе се наоѓа во притвор. Трите лица кои беа уапсени со него, негови пријатели, се пуштени да си одат дома бидејќи не знаеле за планот за ликвидација кој го подготвувал.
Убиството се случило во четвртокот, а според деталите на Обвинителството е јасно дека тој го подготвувал извесен период. Неофицијално во тек била и бракоразводна постапка, но сепак тие живееле заедно во куќата во селото Таор.
Во вечерните часови дошол пред фирмата каде што таа работела, а таа не сомневајќи се влегла во автомобилот мислејќи дека си одат дома.
- Јавно Обвинителство: Ја однел во тешко пристапен терен каде физички ја нападнал. Со дел од неговото тело силно ја притиснал на вратот, а истовремено и ги држел затворени устата и носот за да не може да дише. Жртвата пружала отпор и се бранела, но не успеала да се оттргне и се задушила и починала на лице место. Осомничениот го скрил нејзиното тело под гранки помеѓу дрвја, а утредента во полиција пријавил дека неговата сопруга е исчезната. На 27 јуни, на тројца познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената, бидејќи му се појавила во сон и му кажала каде да оди за да ја спаси,
Глетката била страшна бидејќи телото веќе почнало да се распаѓа.
Телефонски повикале полиција која дошла на непристапниот терен, почнала со увид, а по неколкуте прашања приказната на осомничениот и сликата дека е загрижен сопруг целосно се распаднала.
На распитот во обвинителството ги кажал морничавите детали од ноќта кога ја убил сопругата а Обвинителството пак побара притвор бидејќи покрај опасноста од бегство и повторување на делото, тој го искористил периодот од убиството д о неговото апсење да креира алиби преставувајќи се како загрижен сопруг.
- Кривичен суд Скопје: Прифатен е предлогот и определена мерка притвор од 30 дена против С.Г., осомничен за кривично дело Убиство член 123 став 2 точка 3 – при семејно насилство. Предлогот е прифатен заради постоење на основите од точка 1, 2 и 3 односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело.
Црните статистики покажуваат дека ова е шести случај на фемицид годинава во Македонија.
Огнен Чанчаревиќ
