Вести Свет Топ вести

Трамп за Гренланд: Мора да го имаме!

Мора да го имаме. Ова е суштината на последната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп за неговите територијални амбиции кон најголемиот остров во светот, Гренланд.

Секако, тоа беше подоцна надополнето со повеќе објави и споделувања на приватни пораки на светските лидери, кои очигледно се обидуваат на секаков начин да го сочуваат транс-атлантското партнерство во НАТО и добрите односи меѓу САД и Европската Унија.

Трамп не е ниту многу загрижен од најавите дека ЕУ можеби ќе возврати на најавените нови американски тарифи против земјите кои не се воодушевени од неговиот обид да ја преземе контролата на Гренланд.

„Видете, не мислам дека многу ќе се бунат. Видете, ние мора да го имаме. Мора да биде направено тоа. Данска не може да го заштити. Тие се прекрасни луѓе. Знам дека и лидерите се многу добри луѓе, но тие не ни одат таму“ – изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Но, ова е само дел од реакциите на Трамп. Во серија објави на неговата социјална мрежа, Truth Social, шефот на американската држава сподели и повеќе слики создадени со вештачка интелигенција и дел од приватната кореспонденција со странските лидери за Гренланд.

Во една од нив, Трамп го поставува американското знаме на Арктикот, додека зад него се потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс и државниот секретар, Марко Рубио. Во уште една, промената фотографија, која првично била направена во Белата Куќа додека САД, НАТО и се разговарало за руската војна против Украина, мапата на која била претставена линијата на фронтот е заменета со слика на која американското знаме ги прекрива териториите на Северна Америка, Канада и Гренланд.

Трамп сподели и текст пораки кои му ги испратиле Генералниот Секретар на НАТО, Марк Руте, и францускиот претседател, Емануел Макрон.

Руте изразува посветеност да се најде пат напред во однос на Гренланд, без да прецизира што точно мисли, додека Макрон признава дека не му е јасно што прави шефот на американската држава во однос на островот во Арктикот.

Европските министри за финансии денеска во Брисел ќе се обидат да најдат заеднички одговор на последната закана на Трамп за зголемување на тарифите.

„Мислам дека е тажно и целосно апсурдно дека имаме американски претседател кој не уценува сите нас, обидувајќи се да добие парче земја или да ја купи преку закани. Ова е ново дно, така кажано. Мојата порака денеска ќе биде да останеме обединети, да го возвратиме притисокот на САД секако“ – рече шведската министерка за финансии, Елизабет Евантесон.

ЕУ досега се обидуваше внимателно да се однесува со Трамп, постојано внимавајќи да не го испровоцира. Ваквиот пристап најчесто се опишуваше како мудра дипломатија. Дали овој курс ќе се промени, останува да се види.

Трамп, Фон Дер Лајен и сите европски лидери деновиве ќе бидат во Давос, на светскиот економски форум а засега не се закажани средби на Трамп со претставниците на ЕУ.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Препораки од Институтот за јавно здравје за заштита од топлото време – носете лесна облека и пијте многу вода

Igor Trajkov

Александар и Мартина годинашни младенци на „Галичка свадба 2026“

Дејан Дејан

Марија Ангеловска ја доби наградата „Енхалон“, а Лју Јуе „In vino veritas“ на Струшките вечери на поезијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе