Вести Македонија Топ вести

Системот добива зелено светло, а сообраќајот привремени паузи – започнаа проверките на „Сејф сити“

Започна „пробниот режим“ за тестирање на камерите за сообраќајни прекршоци. „Безбеден град“ ќе се прилагодува од денеска до 31 јануари со тоа што ќе се врши тестирање и калибрација на камерите, во периодот од 8 до 20 часот.

Полицијата апелира до граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, но и да покажат трпение и соработка – за да профункционира системот, мора и сообраќајот да трпи малку паузи.

Според најавите на надлежните, официјалниот почеток на системот кој регистрира сообраќајни прекршоци е закажан за 1 февруари.

Минатата недела на лидерска средба, партиите изразија подготвеност за двотретинска поддршка за Законот за прекршоци, за да започне да функционира проектот „Сејф сити“.

„Се вршат проверки дали камерата јасно снима, дали точно ги чита регистарските таблички и дали податоците што ги бележи се точни и сигурни. Првата недела е предвидено да се спроведуваат на локациите на подрачјето на Скопје. На секој поединечен пункт на кој е поставена камера еднократно ќе се врши проверка која трае кратко (15-30 минути). Проверките се вршат од страна на Бирото за метрологија“, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР. 

Опозициската ДУИ соопшти дека ќе го гласа законот, а потоа ако има потреба ќе бараат измени. Поддршката, велат, произлегува од заложбата за поголема безбедност на граѓаните. Но, интегративците побараа да се внимава и на почитувањето на уставно загарантираните права и слободи – да не останат во сенка на технолошките решенија.

„Граѓаните со право реагираат зошто албанскиот јазик не се користи во електронските известувања иако тој е службен јазик во државата. Сакам јасно да нагласам дека ние во принцип ги поддржуваме законските измени и започнувањето на овој систем. Ова е одлука на лидерите која произлезе од лидерската средба, додека ние на ниво на координатори ги решивме дилемите и техничките прашања“, вели Рина Ајдари, координаторка на пратеничката група на ДУИ. 

Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ најави дека Законот за прекршоци ќе се носи во зададените рокови, во координација со сите пратенички групи. Седницата се очекува да биде до крајот на неделава.

„Очекуваме во јасно зададените рокови Законот за прекршоци да биде донесен во согласност и координација со координаторите на сите пратенички групи коишто се во тек. И заштитата и начинот на чување на податоците, но и начинот на казнување е строго одреден со позитивните законски прописи во државата“, вели Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

Опозициската СДСМ најави поддршка за Предлог-законот за прекршоци, кој е клучен за стартување на системот. Поддршката, сепак не е безрезервна. Лидерот на партијата Филипче претходно отвори две прашања – управувањето со големата количина податоци што ќе ги генерира системот и висината на казните, за кои смета дека мора да се отвори дополнителна расправа. Апелира да се спречи евентуална злоупотреба на податоците.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Марија Ангеловска ја доби наградата „Енхалон“, а Лју Јуе „In vino veritas“ на Струшките вечери на поезијата

Дејан Дејан

Сега е моментот за проширување и да сум на ваше место би ја искористил оваа можност, литванскиот министер за надворешни работи со порака до Македонија

Дејан Дејан

Десетици цивили убиени во пакистански воздушни напади во Авганистан

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе