Вести Свет

Престанете со интервенциите во Сирија – Трамп со порака до Израел

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Израел да се воздржи од каква било интервенција во Сирија, која би можела да ја загрози трансформацијата на арапската земја во „просперитетна држава“. Изјавата следува по упадот на израелските вооружени сили во јужна Сирија во петокот.

„Многу е важно Израел да одржува силен и вистински дијалог со Сирија, за ништо да не го попречи претворањето на Сирија во просперитетна држава“, напиша Трамп на „Трут Соушл“ (Truth Social), истакнувајќи дека САД се многу задоволни од резултатите што ги постигнал Дамаск.

Во петокот, израелските сили упаднаа во село во јужна Сирија, при што загинаа 13 лица, како што соопшти Дамаск. Израелската армија, пак, тврди дека нападнала исламистичка група. Сириското Министерство за надворешни работи ја осуди операцијата како „воено злосторство“, посочувајќи дека станува збор за најсмртоносниот израелски упад по соборувањето од власт на претседателот Башар ал Асад.

По падот на режимот на Асад во декември минатата година, кој беше симнат од исламистичка коалиција, Израел изврши стотици воздушни напади и изведе упади во Сирија. Израел, исто така, распореди војници во демилитаризираната зона на Голанската Висорамнина, од другата страна на демаркационата линија што ја дели територијата анектирана од Израел во 1981 година од остатокот на Сирија.

Трамп, кој на почетокот на минатиот месец топло го прими новиот сириски претседател Ахмед ал Шара во Белата куќа, нагласи дека Сирија ќе се приклучи на меѓународната коалиција против Исламската држава.

„Новиот претседател на Сирија, Ахмед ал Шара, напорно работи за да обезбеди да се случуваат само добри работи и Сирија и Израел да имаат трајни и просперитетни односи во иднина. Ова е историска можност и дополнување на веќе постигнатиот УСПЕХ во постигнувањето МИР НА БЛИСКИОТ ИСТОК“, напиша Трамп.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при посета на израелските војници распоредени во тампон-зоната минатиот месец, посочи дека военото присуство таму е „од огромно значење“ за израелската страна. Тој инсистира на демилитаризација на целата сириска територија јужно од Дамаск, до демаркационата линија од 1974 година, воспоставена по Арапско-израелската војна во 1973 година.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Цената на нафтата скокна над 85 долари

Kristina Kuzmanovski

Вучиќ: Брисел треба да ги прими земјите од Западен Балкан заедно

Kristina Kuzmanovski

(Видео) Изгласан ДУП-от за Барутана кој предвидува изградба на 24 хациенди на Водно

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе