Руската противвоздушна одбрана ноќеска пресретнала и уништила 65 украински дронови над региони на Русија, соопшти руското Министерство за одбрана.
– Ноќеска дежурните средства за противвоздушна одбрана пресретнаа и уништија 65 украински беспилотни летала од авионски тип: 18 над територијата на Воронешката област, 16 над територијата на Рјазанската област, 14 над територијата на Белгородската област, 7 над територијата на Тулската област, 4 над територијата на Брјанската област, 3 над територијата на Липецката област, 2 над територијата на Тамбовската област, се вели во соопштението на руското Министерство.
Исто така, се соопштува и за еден соборен дрон над украинскиот Кримски Полуостров, кој Русија го анектираше во 2014 година.
Претседателот на Украина пак Володимир Зеленски изјави дека САД и нивниот претседател Доналд Трамп имаат одлучувачка улога во напорите за ставање крај на војната на Русија во Украина.

По разговорите со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, Зеленски нагласи дека Украина од почетокот на годинава го поддржа секој одлучен чекор и лидерство на Трамп, „секој силен и фер предлог насочен кон ставање крај на војната“.
– И само претседателот Трамп и САД имаат доволно моќ да стават крај на оваа војна, нагласи тој.
Зеленски рече дека му е благодарен на Ердоган за организирањето на средбата и за континуираното учество на Турција во дипломатските напори.
– Детално разговаравме за реалните начини да се доведе војната до сигурен и достоинствен крај, напиша тој на Х.
Зеленски ја поздрави подготвеноста на Анкара да ги олесни разговорите, велејќи дека Ердоган предложил формати за разговор што Украина ги поддржува и оти тој е отворен за „други значајни формати кои би можеле да донесат резултати“.
Неговите коментари дојдоа откако медиумите објавија дека Вашингтон работи со Москва на нов мировен предлог што би барал значителни отстапки од Киев, вклучително и потенцијално отстапување на дополнителна територија.
