Вести Свет Топ вести

Разговори во Киев за завршување на војната со Русија

Високите претставници на Пентагон пристигнаа во Украина. Киев е денеска местото каде ќе се водат разговорите „за завршување на војната“ со Русија, меѓу секретарот на американската армија, Ден Дрискол, кој го предводи американскиот тим и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Веќе почнаа да се појавуваат извештаи дека САД и Русија подготвиле нов рамковен мировен план, кој бара значителни отстапки од Украина, вклучително и откажување од територијата што сè уште ја контролира и драматично намалување на големината на нејзината војска.

Ова е дел од предлог-документот од 28 точки:

  • Откажување од делови од источна Украина, вклучително и територии што Киев ги контролира денес.
  • Создавање демилитаризирани појаси, каде украинската војска воопшто нема да смее да влегува.
  • Драстично намалување на армијата и ограничувања за тешко вооружување.
  • Забрана за странски војници на украинска почва.
  • Контроли врз западното оружје за да не стигне до позиции што би можеле да ја погодат Русија.
  • Официјален статус за рускиот јазик на целата украинска територија.
  • Посебна улога за Руската православна црква во државата.
  • Нејасни американски безбедносни гаранции, без дефинирани механизми за заштита.

За сега ниту Вашингтон ниту Москва официјално не го потврдуваат планот, изготвен од претставникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, и рускиот специјален претставник Кирил Дмитриев.

Сепак, американскиот државен секретар Марко Рубио напиша на X дека постигнувањето „траен мир ќе бара од двете страни да се согласат на тешки, но неопходни отстапки. Затоа ние развиваме и ќе продолжиме да развиваме список на потенцијални идеи за завршување на оваа војна врз основа на придонесите од двете страни во овој конфликт“.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска предупреди дека за да функционира каков било план, ќе треба да бидат вклучени Украинците и Европејците, а францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, рече дека „Украинците не сакаат никаква форма на капитулација“.

  • Она што ние како Европејци отсекогаш го поддржувавме е долготраен и праведен мир. И ги поздравуваме сите напори за постигнување на тоа. Секако, за да функционира секој план, потребни се Украинци и Европејци, па ова е многу јасно. Исто така, мора да разбереме дека во оваа војна има еден агресор и една жртва, па затоа не сме слушнале за никакви отстапки од руска страна, изјави денеска Каја Калас, висока претставничка на ЕУ.
  • Дискусиите треба да започнат со прекин на огнот на контактната линија што ќе овозможи преговори за прашањето на териториите, за прашањето на безбедносните гаранции. Ние го кажавме тоа, САД го кажаа тоа, претседателот Трамп го кажа тоа и Украинците се подготвени за ова. Единствената пречка за ваквите организирани дискусии досега е Владимир Путин“, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

Извештаите за мировен план меѓу САД и Русија се појавија на денот кога најмалку 26 лица беа убиени во руски ракетен и беспилотен напад врз станбени блокови во западниот украински град Тернопол. Уште 22 лица се водат како исчезнати на местото, рече Зеленски.

Зеленски за време на нападот во Тернопол беше во Турција, тој постојано ги отфрла сите територијални отстапки кон Русија. По разговорите со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, Зеленски нагласи дека Украина од почетокот на годинава го поддржа секој одлучен чекор и лидерство на Трамп, „секој силен и фер предлог насочен кон ставање крај на војната“. Само претседателот Трамп и САД имаат доволно моќ да стават крај на оваа војна, нагласи тој.

Предходно овој месец, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека предусловите на Москва за мировен договор – вклучително и отстапување територија, строги ограничувања на големината на украинската војска и неутралноста на земјата – не се променети откако Путин ги постави во 2024 година.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Данска ќе распореди војници на редовна воена служба на Гренланд

Sasko Dimovski

Ацевски: За една година 259 лица злоупотребиле 18,4 милиони денари од државата, дадовме препорака за издавање на решенија за поврат на средствата

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе