Десетина приведени од Штип, Кочани и Струмица, меѓу кои и инспектори и поранешни раководители во УЈП во истрага на кочанското обвинителство поврзана со „Пулс“. Дека од ноќеска има претреси и апсења на вработени во УЈП, потврди државниот обвинител Коцевски.
„Јавноста беше запознаена дека се водеше предистражна постапка за лица кои беа вработени во Управата за јавни приходи, а поврзани со кочанскиот предмет. Во текот на минатиот ден и денеска се преземаат одредени дејствија. Денеска се приведени околу 10-тина лица и во моментот се вршат претреси на одредени локации. На лицата кои се опфатени во кривичната пријава за кои само можам да кажам дека се лица вработени во УЈП. За кривични дела допрва ќе видиме, но првичните сознанија се за дела злоупотреба на службена положба и овластување и примање и давање мито“, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Кои се осомничените, како ги правеле злоупотребите и како се поврзани со „Пулс“, обвинителствотото најави повеќе информации во текот на денот. Според извори на Телма, меѓу приведените е и Драган Паунов, инспектор во УЈП за кого ИРЛ објави пораки со синот на сопственикот на „Пулс“, Михајло Јованов. Паунов е брат на в.д. претседателката на Кривичен, Даниела Димовска. Коцевски потврди само дека дел од објавената комуникацијата е опфатена со оваа истрага.
„Овој предмет не може да се спои со сегашниот кочански предмет, затоа што овде не е поврзаноста со штетната последица, односно смрт, ова се кривични дела за злоупотреба давање и примање поткуп што нема врска со овој кривично правен настан со предметот што е во тек“, додава Коцевски.
Според државниот обвинител, истрагата за „Пулс“ против 26 полицајци што се води во обвинителството за гонење организиран криминал ќе заврши до средината на декември, кога ќе се знае и против кого ќе има обвинение.
Вчера во судницата во Идризово почна судењето против 38 обвинети за пожарот во „Пулс“ во кој животот го загубија 63-ца млади луѓе, а над 200 беа повредени. На судењето исполнето со емоции, обвинителот Јанев во воведниот говор рече дека „Пулс“ отсекогаш била буре барут и смртоносна стапица од самиот почеток.
Елена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: T.Д.
