Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ги заврши интервјуата со кандидатите за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). На распоред денеска се најдоа петмина кандидати. За позицијата првично се пријавија 13 лица, но по административната селекција останаа 10-мина.
Претседателот на комисијата за селекција, Бојан Стојаноски, најави дека во петок ќе биде одржана седница на собраниската Комисија за избори и именувања, на која треба да биде изгласан кандидатот според оценките на членовите на комисијата.
Процесот за избор на нов прв човек на ДКСК продолжува по локалните избори, откако претходната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка поради сомневања за вмешаност во случајот „Адитив“. Новиот претседател мора да исполнува строги услови за образование, искуство и интегритет, меѓу кои најмалку 10 години професионално искуство во области поврзани со борбата против корупцијата.
