Купени или изнајмени – канти или контејнери за неколку недели ќе бидат поставени во угостителските објекти. Тарифникот за подигање на отпадот допрва ќе се утврдува, иако угостителите очекуваат цената да биде разумна. Заврши состанокот во ЈП „Комунална хигиена“, а двете страни изразија задоволство од процесот. Угостителите денеска по средбата очекуваат трајно решение за проблемот, по претходните реакции од надлежните и обвинувања дека токму тие се виновни за фрлање отпад во вечерните часови.
„Во меѓувреме ние како угостители ќе искомуницираме комплетно и ќе треба да обезбедиме секој кај својот локал да обезбеди простор каде ќе си го чува тој сад. Идејата е да не ги оставаме тие садови на јавни површини и повторно да има злоупотреби од страна на други граѓани, бездомници, кучиња, мачки итн него ние треба да се грижиме за нив и во договорените термини кои што ќе ги имаме тие садови да ги вадиме за да ги празнат“, вели Перица Голомеиќ, Комора на угостители при ССК
Дека е постигнат договор, потврдуваат и од ЈП „Комунална хигиена“.
„Од денеска забрзано ќе се работи на изнаоѓање долгорочно решение за овој проблем преку изготвување нов Правилник и ценовник за одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад од угостителските објекти“, велат од ЈП Комунална Хигиена Скопје.
Во меѓувреме, одлуката за забрана за фрлање отпад од 22 часот навечер до 6 часот наутро е објавена во службен гласник и стапува на сила. Градските и општинските инспектори го следат несовесното одлагање и засега изрекуваат само опомени. За оние што подолго време ќе ја прекршуваат одлуката ќе следуваат парични казни од 50 до 1.800 евра.
Паралелно со ова, градот се справува и со нов еколошки инцидент. Синоќа на булеварот „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба било забележано масивно истекување хемиска пена од средишна шахта, која потекнувала од правен субјект во непосредна близина. Инспектори извршиле увид, а од шахтата, коловозот и од уредите на фирмата се земени примероци за анализа. Надлежните проценија дека станува збор за сериозно прекршување на законските прописи и директно загрозување на животната средина. Најавено е дека ќе се изврши анализа на елаборатот за животна средина, со цел утврдување на причините и евентуалните неправилности во работењето. Како што информира градоначалникот, сторителот е пронајден, а секој што го прекршува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните ќе се соочи со санкции од институциите.
Симона Петровска
