Американскиот Конгрес со убедливо двопартиско мнозинство изгласа предлог-закон со кој Министерството за правда ќе мора да ги објави досиејата поврзани со финансискиот магнат и сексуален престапник Џефри Епстин. Претставничкиот дом го усвои документот со 427 гласа „за“ и еден „против“, а Сенатот го одобри без формално гласање.
Според законот, обвинителката Пам Бонди е задолжена во рок од 30 дена да ги објави сите некласифицирани материјали, меѓу кои интерни комуникации, истражни документи и дневници, со можност да задржи информации кои би откриле жртви или би попречиле активни истраги.
Предлогот доби поддршка и од дел од републиканците кои се спротивставија на претходниот отпор од Белата куќа. Одлуката доаѓа по засилениот политички притисок и растечко незадоволство меѓу гласачите, што доведе до ретка промена на ставот на претседателот Доналд Трамп, кој сега се очекува да го потпише законот.
Жртвите на Епстин ја поздравија мерката, велејќи дека транспарентноста е неопходна за конечно расчистување со случајот.
