Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) не се загрижени од излегувањето на Алијанса за Албанците од коалицијата НАИ. Велат дека тоа нема да има влијание ниту врз партијата, ниту врз коалицијата. За нив е важно што Села и неговите пратеници и понатаму во Собранието ќе делуваат опозициски и тврдат дека ќе соработуваат.
Претседателството на Алијанса синоќа одлучи да излезат од коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, а нивните пратеници во Собранието ќе делуваат како независна пратеничка група. Со тоа, коалицијата останува без четворица пратеници, а откако претходно збогум им кажа и Мендух Тачи, сега под контрола имаат најмногу 13 пратеници, што е еден помалку од Вреди.
Села најави дека ќе делуваат опозициски, а доколку добие понуда да влезе во владата, постави три услови: уставни измени, замена на терминот „20 проценти“ во Уставот со „албански јазик“, како и Уставниот суд да носи одлуки со Бадентер.
Ова, за премиерот, е погрешен пристап. Во гостувањето во „Топ тема“ на Телма, рече дека тој не функционира на ваков начин.
Владеачките партии се обидуваат да стигнат до Бадентерово мнозинство, чиј недостиг се покажа како голем проблем за изгласување на системските закони во Собранието. Не беа усвоени повеќе закони, меѓу кои и Изборниот законик, Законот за локална самоуправа, законите за Судски совет, Јавнообвинителска служба и Судска служба. Тука е и новиот Кривичен законик за кој, доколку не се изгласа до крајот на годината, одлука ќе донесе Уставниот суд.
Далиборка Демјанска Цветановска
