Партиското крило на Алијанса на Албанците, предводено од Зијадин Села, ја напушта коалицијата Национална алијанса за интеграција под водство на ДУИ, соопштија од партијата по вечерната средба на претседателството на овој политички субјект.
Партијата ќе делува самостојно, а нејзините пратеници во Собранието ќе бидат независна група, одлучи претседателството кое дискутирало и за „актуелната политичка состојба, процесот и епилогот од локалните избори, како и следните чекори, соопшти вечерва партијата.“
-На последните локални избори, коалицијата со која учествувавме излезе како победник на национално ниво, со бројот на освоени гласови на листите за советници и бројот на освоени советници, но сме незадоволни од епилогот во градоначалничката трка, каде што се соочивме со моќен државен инженеринг и интеракции на албанските субјекти на власт со македонските партии од сите табори, со единствена цел да се реализира платформата на ВМРО-ДПМНЕ за дефакторизација на Албанците во земјата. Од овие сценарија, самите Албанци изгубија повеќе од нас како субјекти, бидејќи по централната власт, Албанците сега беа деградирани и на ниво на локалната власт, се вели во партиското соопштение, потпишано од Зијадин Села.
Но, и покрај оваа ситуација, се додава, Алијансата за Албанците останува решена да ја брани националната кауза на Албанците во Македонија.
-По суштински и многу важни дискусии, членовите на Претседателството едногласно донесоа одлука за автономно дејствување на Алијансата за Албанците, додека во наредните денови пратениците на АА ќе ја обработуваат во Собранието одлуката за дејствување како независна група. Алијансата за Албанците останува силен опозициски глас на Албанците, одржувајќи комуникација со субјектите на албанската опозиција, за што навреме ги известивме и нашите досегашни коалициски партнери, соопшти партијата.
Националната кауза, рамноправноста на Албанците во државата и Уставот, како и санирањето на штетите предизвикани од актуелната Влада остануваат наша примарна определба за политичко дејствување, се додава во соопштението.
Села во изјава за Телма, денеска изјави дека за да влезе во владата на Мицкоски има три услови кои треба да ги исполни владеачката коалиција.
Села испорача три услови без кои нема да разговара за влез во владата
