Илјадниците пластични шишиња и комунален отпад кои со часови пловеа по течението на реката Вардар пред два дена, денеска претпладне ги немаше во селата во тетовската рурална општина Јегуновце. Високиот водостој и буен тек ги однесоа повеќето тони отпад кон остатокот од државата, каде минува најголемата македонска река. Денеска коритото на реката и натаму е исполнето со вода и силен тек.
И највозрасните мештаните од Раотинце не паметат ваква еколошка катастрофа, иако токму ова место порано редовно се поплавуваше поради надојдените води на Вардар и високиот водостој.
„Доаѓајќи наваму, тоа може да беше околу 8 часот на сабајле. И тогаш видов, не овде. Кај што е трансформаторот, најблиску е тука до Вардар, тогаш видов, Тоа беше катастрофа. Толку материјал да проаѓа… До 12 и нешто седевме овде“, раскажува жител на Раотинце.
Мештаните се категорични дека овој отпад, претежно пластични шишиња, е дојден со намерно истурање во реката или ако надојдените води повлекле складиран смет од некоја дива депонија близу коритото. Сашо Димитриевски од Сиричино вели дека околните села со по нелколку стотини жителите не ни можат да создадат толку многу отпад.
„Морам да кажам дека тоа не е од нашево село или од околните села во Општина Јегуновце. Толку многу отпад не може да се собере од тие села. Не дека нема несовесни граѓани, сигурно има несовесни граѓани, а најверојатно тоа е од некој збирен отпад од некаде или од поголемите градови каде што бил собран и така наеднаш е пуштен“, вели Сашо Димитриевски.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соопштение како причина за оваа појава посочи на „Незадоволителното ниво на комунални услуги од страна на операторите, особено во руралните средини“.
„Во овие подрачја е евидентно присуство на помали или поголеми диви депонии на јавни површини, за чијa санација и контрола се надлежни единиците на локалната самоуправа и општинските инспекциски служби“, истакнуваат од МЖСПП.
Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски во селото Туденце ни покажа камера за видеонадзор, каде стои и натписот дека фрлањето смет се казнува. Собирањето смет не е проблем во селата и редовна процедура која лесно се прави поради малиот број жители, вели тој
„Ние како општина, заедно со јавното, го собираме комуналниот смет, ги чистиме регионалните и локалните патишта и паркови кои се на територија на Општина Јегуновце и затоа сметам дека тој комунален смет е пуштен по реката Вардар, кој помина низ Општина Јегуновце“, изјави Димитар Костадиноски, градоначалник на Општина Јегуновце.
Државниот инспекторат за животна средина најавува измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина. Целта е воспоставување на единствен систем на инспекциски надзор што ќе овозможи поефикасна и поефективна контрола во областа на животната средина.
Александар Самарџиев
Б.С.
