Андреј Бабиш, чија партија АНО победи на неодамнешните избори во Чешка, изјави дека за пет дена ќе потпише коалициски договор со т.н. „Мотористи“, партија која важи за евроскептична во земјата, и со крајнодесничарската СПД која се противи на Европската Унија и на НАТО.
„Имаме усогласен коалициски договор. Се договоривме дека ќе го потпишеме во понеделник, на 3 ноември, на денот во кој за првпат ќе се состане новиот состав на парламентот“, порача Бабиш во видео запис на платформата Икс.
Партиите моментно работат на заедничка владина програма што треба да ја насочи политиката на земјата кон поголеми фискални трошоци, намалување на помошта за одбрана на Украина од Русија и помала поддршка за миграциските и климатските политики на Европската Унија. По финализирање на документот, ќе следуваат преговори за именување на министри.
Претседателот Петр Павел му довери мандат на Бабиш за водење на преговори за составување на влада. Бабиш, пак, возврати дека целта му е да состави влада до средината на декември.
Самата АНО нема мнозинство во парламентот. Најавената коалиција со „Мотористи“ и СПД ќе има 108 пратеници од вкупно 200 во Долниот дом на чешкиот парламент.
