Словенечката писателка, драматург и драмска авторка, Симона Хамер, е последната гостинка што престојува во Скопје на циклусот книжевни резиденции за 2025 година, организиран од издавачката куќа „Готен“, поддржан од европската мрежа за преводи и книги „Традуки“. Нејзиниот прв роман, „Цимери“, штотуку беше објавен во август 2025 година од „Цанкарјева заложба“. Така, книжевната резиденција дојде во вистинскиот момент за нејзиното почнување на својот нов текст.
- „Мојот месец во Скопје е уметнички многу продуктивен и културно инспиративен. Моментално работам на драмски текст за група аматери орнитолози кои се борат против корпорации, инвестициски фондови и политичари за парче земја кое е исто така дом на загрозена птица. Запознавањето со ситуацијата во врска со зачувувањето на природата, урбанистичкото планирање и заштитата на дивиот свет во Македонија (особено во Скопје) беше многу мотивирачко за мене и имаше големо влијание врз приказната и општиот тон на претставата. Бидејќи сакав да да истражам креативни опции меѓу комедија и апсурд, уживав гледајќи ги претставите во Театар комедија (особено „Аматери“ и „Тарзан“, бидејќи обете претстави се занимаваат и со актуелни социјални и еколошки прашања)“, вели Симона Хамер за своите цели од престојот.
За време на престојот во Скопје, Симона Хамер ги продлабочи контактите со своите колеги од театарската и книжевната сцена. Таа се сретна со македонски издавачи, со професори од Факултетот за драмски уметности и со претставници на неколку театарски куќи како што се Драмски театар и Театар Комедија. Таа размени мислења за идни преводи со реномираните преведувачи Дарко Спасов, Иванка Апостолова Баскар и Винсент Вилчник, кои се залагаат за македонско-словенечка културна соработка.
- „Исто така, присуствував на регионалниот театарски фестивал РУТА – одлична платформа за поврзување на театарски професионалци од балканскиот регион и пошироко. Многу сум благодарна што можам да ја доживеам културната сцена на Скопjе; да научам повеќе за нејзините продукциски предизвици, теми од интерес и актуелни прашања, да го проширам мојот литературен и театарски хоризонт и да воспоставам меѓусебна потреба за поврзување и културна размена“, заклучува Хамер за резултатите од нејзиниот престој во Скопjе.
Симона ХАМЕР (1984) е наградувана писателка, драматург и драмска авторка од Љубљана (Словенија). Хамер студирала драматургија и сценски уметности на Академијата за театар, радио, филм и телевизија (Универзитет во Љубљана) и е добитничка на наградата на Универзитетот „Прешерн“ за нејзините академски достигнувања.
Како драматург и авторка, таа е ко-креаторка на повеќе од четириесет театарски претстави и радио драми, освојувајќи неколку награди на театарски фестивали во Словенија и во странство. За нејзината драматуршка работа е наградена со Национална награда за најдобра претстава (Разгледници или Стравот е шуплив одвнатре и празен однадвор, 2017), најдобро либрето (Цимери, 2019) и номинирана за најдобра претстава (Сè е во ред, 2020). Нејзините драми, адаптации и драматизации беа поставени во СНТ Драма Љубљана, СНТ Нова Горица, Куклен театар Љубљана, Градски театар Љубљана, Младински театар, Прешернов театар Крањ и на Словенечкото национално радио. Нејзините драми (со теориски студии) беа објавени во книги (Драмобер 2008, Драмобер 2009, Чинот, Трето читање, 2011), книжевни и научни списанија (Teater der Zeit, Литература, Содобност, Ноември, Дијалози), и се преведени на англиски, германски, српски и хрватски јазик. Нејзините драми веќе беа претставени во Германија (Deutsches Theater Berlin, Lettrétage Берлин, фестивалот Neue Stücke aus Europa Визбаден), Австрија Чешка, Србија (Sterijino pozorje), САД, Хрватска и Италија.
Хамер е основач на словенечката иницијатива за современа драматургија „ПреГлеј“ и член на одборот на Одделот за драма (дел од Словенечкото здружение на драмски уметници).
Како ментор за креативно пишување и драматургија, таа водела бројни работилници и курсеви и дизајнирала платформа за млади писатели во СНТ Драма Љубљана (2018-2021).
Хамер е четирикратен добитник на стипендија за литература од Словенечката агенција за книги (2018, 2020 и 2021, 2024) и беше избрана од словенечкото Министерство за култура за уметница во резиденција во Њујорк (јуни-јули 2014), Берлин (јануари 2018) и Виена (декември 2022). Таа беше уметница во резиденција во Вила Јоана, Барселона (Програма за резиденција Град на литературата на УНЕСКО) во 2024 година.
Хамер, исто така, пишува и објавува кратки раскази.
