Локалитетот Виничко кале, познат по Теракотните икони што укажуваат на ранохристијанското минато на ова тло, од следната година ќе се истражува, конзервира и ревитализира, најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков при денешната посета на локалитетот.
Во проектот ќе бидат вклучени сите надлежни институции – министерството, Националниот конзерваторски центар, Археолошкиот музеј и Виничкиот музеј на Теракоти. Целта е Виничкото кале да стане достапен локалитет за пошироката јавност, рече министерот.
„Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите. Структурна стабилизација – зборувавме пред да ја дадеме изјавата, таму каде што се загрозени деловите. Потоа, современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот, се разбира за јавноста. Бидејќи тоа е всушност и целта, ваквите локалитети да бидат отворени за јавноста“, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
