Министерот за одбрана на Данска, Троелс Лунд Поулсен изјави дека ноќните летови на дронови во воздушниот простор на земјата претставуваат„хибриден напад“ кој изгледа како дело на „професионални актери“, но оти дроновите не се лансирани од голема оддалеченост и оти моментно нема докази за вмешаност на Русија.
Полусен додаде дека, иако сè уште не е познато од каде точно се пратени дроновите, инцидентите укажуваат на растечка закана и бараат сериозен пристап, објави „Гардијан“.
Исто така наведе дека би можела да постои поврзаност меѓу неодамнешниот упад со дронови во Копенхаген и последниот инцидент, меѓутоа не донесе конечни заклучоци.
Поради дронови, привремено е затворен аеродромот во Алборг, на северот на Данска, додека три помали аеродроми на југот на земјата – во Есбјерг, во Сундерборг и во Скрудструп пријавија активност на дронови, но не запреа со работа.
Данскиот министер за правда, Петер Хумелгард оцени дека станува збор за хибриден напад, замислен да предизвика „страв“.
