Вести Свет Топ вести

Дански аеродром затворен поради дронови, два дена по упадите во Копенхаген и во Осло

Аеродромот во Алборг, град што се наоѓа во северниот дел од Данска, е затворен за сообраќај откако неидентификувани дронови биле забележани во воздушниот простор, пишува Би-би-си според информации од локалните власти.

Три други помали аеродроми во јужниот регион на земјата исто така пријавиле активност на дронови – Есбјерг, Сендерборг и Шкридструп, но тие не биле затворени.

Според полицијата, дроновите за прв пат биле забележани синоќа околу 21:44 часот и останале во воздушниот простор до после полноќ.

Полицијата соопшти дека уредите може да се видат од земја, додавајќи дека не можат да ја исклучат можноста дека активноста е шега. Тие истражуваат кој ги контролирал и со какви мотиви.

Најмалку три лета биле пренасочени од аеродромот во Алборг, а официјални лица велат дека инцидентот влијаел и врз активностите на данските вооружени сили, бидејќи аеродромот се користи и како воена база.

Полицијата на Северен Јитланд издаде соопштение во кое се вели дека внимателно ја следат ситуацијата во Алборг, но оти не можат да објаснат колку дронови биле вклучени.

„Сè уште не можеме да коментираме за целта на дроновите што летаат во областа, ниту пак можеме да кажеме ништо за тоа кој стои зад тоа. Доколку добиеме можност, ќе ги собориме дроновите“,

рече главниот инспектор Јеспер Бојгард Мадсен.

Затворањето на овој дански аеродром доаѓа два дена откако главниот аеродром во Копенхаген беше затворен поради појавување на дронови, што ја потресе европската авијација.

Данската национална полиција соопшти дека дроновите забележани околу Алборг следеле сличен модел како оние што ги запреа летовите на аеродромот во Копенхаген.

На почетокот на оваа недела, освен околу аеродромот во Копенхаген, дрон бил забележан во близина на главниот аеродром во Осло кој исто така неколку часа беше затворен, а летовбите беа пренасочени.

Европа е во состојба на висока готовност откако неколку земји-членки на НАТО пријавија упади од руски дронови во нивните воздушни простори.

Вчера министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус рече дека руски воен авион прелетал над фрегата на германската морнарица во Балтичкото Море и го оцени инцидентот како уште една провокација од Москва.

Минатата недела, Естонија и Полска побараа консултации со други членки на НАТО, откако Русија беше обвинета за нарушување на нивниот воздушен простор во одделни инциденти.

Романија, друга членка на НАТО, исто така рече дека руски беспилотни летала го нарушиле нејзиниот воздушен простор.

Министрите за надворешни работи на групата Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија) одржаа состанок на маргините на Генералното собрание на ОН и во заедничка изјава ги осудија руските упади на териториите на членките на НАТО како неприфатливи додавајќи дека Москва ја поткопува меѓународната безбедност.

Русија негираше дека го нарушила воздушниот простор на Естонија, додека инсистираше дека полскиот упад не бил намерен, а не коментираше за инцидентот во Романија.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВМРО-ДПМНЕ: СДС, ДУИ и Левица се разобличени, не им поминува лошиот политички театар со кој го блокираат Изборниот законик

Kristina Kuzmanovski

СДСМ: Што работи Стоилковиќ како министер во Владата

Kristina Kuzmanovski

Демократите го блокираа предлог-законот за одбраната поради војната со Иран

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе