Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди дека евентуалното членство на Украина во Европската Унија би значело вовлекување на ЕУ во војната.
Говорејќи на отворањето на есенската седница на унгарскиот парламент, тој истакна дека со влезот на Украина, „воената реалност ќе стане дел од Унијата“.
Орбан посочи дека покрај безбедносните ризици, пристапувањето на Украина ќе предизвика економски колапс, нарушување на земјоделскиот систем во ЕУ и пренасочување на развојните фондови.
- „Унгарија би преминала од нето-примател во нето-донатор, а тоа не е прифатливо“, нагласи тој, додавајќи дека милиони Унгарци веќе го изразиле својот став против ова преку национална консултација.
Во обраќањето, Орбан ја критикуваше Европската Унија за, како што рече, недостиг на визија и капацитет за глобално лидерство.
Повтори дека Унгарија ќе продолжи да се спротивставува на миграциските политики на Брисел и ќе остане „остров на мир и безбедност“.
Во завршницата, тој ја пофали соработката со Кина и Русија, посочувајќи дека иднината на Унгарија гледа повеќе кон Истокот, отколку кон Брисел.
