Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека палестинска држава „нема да се случи“ и дека оние земји што ја признале даваат „огромна награда на тероризмот“.
-Имам јасна порака до оние лидери кои признаваат палестинска држава по ужасниот масакр на 7 октомври – вие давате огромна награда на тероризмот, рече Нетанјаху во видео изјава.
Тој нагласи дека одговорот на Израел на новите признавања на Палестина ќе дојде откако ќе се врати од САД следната недела и додаде дека палестинска држава нема да се воспостави западно од реката Јордан, објави „Тајмс оф Израел“.
-Одговорот на неодамнешниот обид да ни се наметне терористичка држава во срцето на нашата земја ќе биде даден по моето враќање од САД. Почекајте, нагласи Нетанјаху.
Израелскиот премиер изјави дека под негово водство Израел го удвои бројот на еврејски населби во Јудеја и Самарија, како што Тел Авив го нарекува окупираниот Западен Брег, и додаде дека ќе продолжи по тој пат.
Велика Британија, Канада и Австралија, а подоцна и Португалија, вчера официјално ја признаа државата Палестина.
