Обединетите нации ја одбележуваат 80-годишнината од своето основање во услови на сериозна глобална криза. Пред почетокот на генералната дебата на Генералното собрание следната недела, организацијата се соочува со војни, длабоки буџетски кратења и зголемени тензии меѓу светските сили. И покрај сомнежите во ефикасноста на ОН, повеќе од 100 претседатели и премиери ќе допатуваат во Њујорк. Првиот говор ќе го одржи бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, а по него ќе настапи американскиot претседател Доналд Трамп. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека „мирот е под опсада“, наведувајќи дека се кршат човековите права и меѓународното право, додека конфликтите се множат. Организацијата е финансиски ослабена, главно поради намалениот придонес од САД, и е парализирана во Советот за безбедност поради спротивставените ставови на големите сили. Најголемо внимание на собранието ќе биде посветено на израелско-палестинскиот конфликт. Генералното собрание неодамна со огромно мнозинство изгласа резолуција за поддршка на решението со две држави, наспроти противењето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Се очекува најмалку 10 нови држави да ја признаат Палестина, но аналитичарите предупредуваат дека тоа може да предизвика остра реакција од Израел и игнорирање од страна на Вашингтон.
80 години постоење: ОН во сенка на војни, кризи и поделби
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
