Вести Култура

Оштетена скулптура на авторот Саздовски, надлежните си ја префрлаат одговорноста околу одржувањето

Неговите скулптури се поставени и добро чувани во над 20 земји во светот, но не и дома. Скулпторот Сашо Саздовски е револтиран поради оштетувања на постаментот на неговата мермерна скулптура „Бесконечна циркулација“, поставена на кејот на Вардар, пред ГТЦ. На неа ѝ недостасува и плочката со информации за авторот и делото. Уметникот се сомнева дека оштетувањата се направени кога се менувале плочките на шеталиштето на кејот.

„Сите четири страни на постаментот се оштетени. Значи плочите кои што беа околу самиот постамент се извадени. Мислам дека тоа е направено кога павер елементите се менувани. Таа со текот на годините комплетно е запоставена. Дури и валкана е, не е ни исчистена. Мене баш ме боли, ова е во мојата држава, каде што јас живеам, во мојот град, и не сакам кога ќе поминам да ја гледам во ваква ситуација“, вели скулпторот Сашо Саздовски.

Покрај оваа, Саздовски е автор и на скулптурата „Енергетски трансфер “, поставена на влезот на Министерството за култура и туризам. Двете дела се негов магистерски труд, за кој на конкурсот на ресорното министерство во 2008 година доби награда од 30.000 денари. А, за изработка на скулптурите му беа дадени околу 21.000 евра. Тој вели дека се понудил да ги исчисти, но не наишол на позитивен одговор од надлежните.

Оштетената скулптура „Бесконечна циркулација“ на авторот Сашо Саздовски беше една од 10-те кои беа поставени во централното градско подрачје во 2009 година, по спроведен конкурс година претходно од Министерството за култура. Тоа министерство спроведе конкурс за вкупно 35 скулптури кои требаше да го красат центарот на градот. А, надлежноста за нивното одржување во прво време му падна на Музејот на современа уметност (МСУ).

Од МСУ велат дека, иако иницијално 35 скулптури им се оставени ним на грижа, тие во 2017 година испратиле писмо до министерството, во кое ги известиле дека не можат да се грижат зашто логистички Одделението за конзервација во музејот имало само еден вработен. А, од ресорот Култура до денеска не добиле ни позитивен, ни негативен одговор на писмото.

Но, од министерството за Телма сега велат дека постигнатиот договор меѓу нив и МСУ од 2015 година не е раскинат сѐ уште, што значи дека музејот е надлежен за одржување на скулптурите.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Што ќе значи новиот европски нон-пејпер за бугарските барања кон Македонија?

Дејан Дејан

Спасувале животи за време на пожарот во „Пулс“-тврдат обвинетите полицајци

Дејан Дејан

Мешовитата историска комисија на Македонија и Бугарија со нула напредок – со години заглавена кај учебникот за седмо одделение

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе