Новиот долгометражен филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар- Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на претстојниот 81. Интернационален филмски фестивал во Венеција. Ова ќе биде трето остварување на Стругар -Митевска да учествува на фестивалот во Венеција и да се натпреварува за награди во повеќе категории. Режисерката, која се јавува и како еден од косценаристите, преку видео-бим кажа дека се работи за филм на силни карактери и визуелен израз, посветен на нескршливиот дух и амбиции на Мајка Тереза и во себе има слободарска панк- рок енергија. Затоа улогата на Мајка Тереза ѝ е доверена на шведската актерска ѕвезда Номи Рапас.
„Филмот во себе содржи некоја панк-рок енергија. Тоа е таа слобода која мене ми беше важна како авторка во однос на формата. Исто така, таа панк-рок енергија која јас ја почувствував во самиот карактер, вистинскиот карактер на Мајка Тереза, додека го правев документарниот филм. Значи ми беше важно да одберам актер кој во себе природно го поседува тоа“, изјави Теона Стругар- Митевска, режисерка и косценарист.
Идејата за филмот се развила пред повеќе од 10 години кога сестрите Теона и Лабина Митевски работеле на документарецот „Тереза и јас“, поддржан од јавниот сервис. Оттогаш започнала соработката со писателот Гоце Смилевски. Тој го пишуваше сценариото за „Мајка“, заедно со Теона Митевска и Елма Татарагиќ, со посебен фокус на Мајка Тереза.
„Да се збие во оние неколку дена кога таа решава да излезе од манастирот , да тргне на улиците на Калкута и да ја покрене својата мисија“, вели Гоце Смилевски, косценарист на филмот.
Покрај актерките Номи Рапас и Силвија Фокс, како сестра Агнешка, во улогата на отец Фредерик, настапува нашиот голем актер Никола Ристановски. Тој ја добил улогата на кастинг на кој Рапас го избрала меѓу двајца други познати европски актери.
„Со Никола се споија и потоа почнавме со проби и со сето останато. Но, беше многу интересен процесот и за нас“, рече Лабина Митевска, продуцентка и актерка во филмот „Мајка“.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Босна и Херцеговина, Индија и Данска. Реализиран е со буџет од четири милиони евра од кои над 600.000 евра даде Агенцијата за филм. А, директор на фотографија е Вирџини Сен-Мартин. „Мајка“ ќе го отвори 46 издание на „ Браќа Манаки“ во септември, а потоа ќе се прикажува во Скопје. А, во Венеција ќе биде прикажан и документарецот „Силјан“ на Тамара Котевска.
Сотир Трајков
