За сите дивоградби во Кисела Вода, кои не се во фаза на легализација, Општината издала решение за уривање, без исклучок, уверува градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. Тој, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, денеска се сретна со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески. Во изминатите месеци, медиумите пишуваа за нелегално изграден магацин на булеварот Борис Трајковски и за дивоградба кај пазарчето во Драчево. Ѓорѓиевски вели дека постапиле на сите места.
„Понекогаш постапувањето зависи од повисоките инстанци, како што е магацинот којшто го споменавте којшто моментално е во фаза на жалба, а јас не можам да постапам додека не добиеме судска одлука за истото. Многу е важно што институцијата постапила, не само за таа дивоградба, и за сите останати, одговорно тврдам, со решение за отстранување на тие објекти. Тука нема назад. Кога ќе издадете решение за отстранување на див објект, тој не може во перспектива, ниту да се легализира ниту да добие одобрение за градба. Тоа е чекорот којшто треба сите да го преземат кога станува збор за дивоградбите“, вели Ѓорѓиевски.
По ловот на станбени згради кои се дивоградби во Чаир, кој го почна градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој е сопартиец на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, оцени дека постапките на Арсовска се злонамерни зашто во Македонија има 200 илјади дивоградби, а Чаир не предничи во таа област ниту во Скопје.
Според Законот за легализирање дивоградби од 2011 година, кој предвидуваше легализација на дивоградбите до тогаш, беа поднесени скоро 470 илјади барања за легализација, а во моментов има 200 илјади дивоградби кои биле одбиени за легализација или се уште се води постапката. Сепак, овие 200 илјади не се само куќи или деловни објекти, туку доградби, надградби, огради, гаражи, кои биле изградени без дозвола.
Арсовска тврди дека во Чаир не се работи за огради или доградби, туку за сосема нови висококатници кои се дивоградби.
Според Државниот завод за статистика, во изминатите години во Македонија се градат по околу 200 станбени и деловни објекти кои се дивоградби. Од скопските општини, предничи Гази Баба.
Срѓан Стојанчов
