Зачувување на традицијата на ИФФК „ Браќа Манаки“ и доразвивање на неговиот концепт. Ова е заложбата на новиот директор на фестивалот, Димитрија Доксевски, кој на денешната прес конференција најави возбудливо, квалитетно и богато 46 идание на најстариот фестивал во светот што ја слави уметноста на филмската камера. Според Доксевски, останува главната, кратката, документарната, студентската и програмата од балканската мрежа филмови, а се враќа „ Мак поинт“ програмата со домашни филмови.
- Голем дел, односно скоро сѐ што е традиција и што е концепт на фестивалот ќе го зачуваме и ќе продолжиме да го развиваме, рече Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „ Браќа Манаки“.
Добитникот на 28 меѓународни награди, меѓу кои е „ Златна мечка“ од Берлин, за филмот „ Мед“ , турскиот сценарист, режисер и продуцент Семих Капланоглу, е годинашен добитник на наградата „ Златна камера 300“ , за специјален продонес во филмската уметност. Фестивалот „ Браќа Манаки“, ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола. Во главната програма ќе бидат прикажани над 40 остварувања, што доаѓаат од најпрестижните светски фестивали. А, отворањето и затворањето на фестивалот ќе биде со филмовите на Теона Митевска и Ѓорги Унковски.
- Филмот на Теона Митевска ќе го отвори овогодинешното 46 издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „ Браќа Манаки“, филмот „ Мајка“. Филмот со кој што ќе го затвориме фестивалот , вториот македонски филм „ Диџеј Ахмет“, филм што постигна голем успех на меѓународната сцена, кажа Слаѓан Пенев, селектор на главната програма „ Камера 300“.
Во рамките на фестивалот, ДФРМ со доделување признанија ќе го одбележи јубилејот 75 години постоење. Со одлука на неговиот Управен одбор, наградата „ Голема ѕвезда на македонскиот филм“, ќе му биде врачена на композиторот на филмска музика, Кирил Џајковски, кажа претседателот на Друштвото, Игор Иванов.
Над 150 гости од земјава и странство се очекуваат да дојдат на работилниците, мастеркласите и за придружната програма на „ Браќа Манаки“.
Сотир Трајков
