Предлогот поднесен од Украина и поддржан од Франција и Германија во име на Европската Унија (ЕУ) не е усогласен став на Унијата. Вака премиерот Мицкоски коментира за Резолуцијата за Украина.
Таа вчера беше изгласана на Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН) и Македонија не ја поддржа. Претседателот на Владата, сепак, тврди дека надворешната политика на земјава не го менува курсот.
Македонија заедно со Унгарија, Израел и Грузија беше ко-спонзор на Резолуцијата којашто беше американски предлог и истата, пак, е усвоена од Советот за безбедност на ОН.
Во Резолуцијата на САД се повикуваа на брз крај на конфликтот и траен мир помеѓу Украина и Руската Федерација. Америка во документот не ја споменува инвазијата на Русија врз Украина.
Наспроти тоа, во Резолуцијата на Украина, се вели дека руската инвазија трае три години и продолжува да има разорни и долготрајни последици.
Од Министерството за надворешни работи вчера ја дообјаснија одлуката Македонија да даде поддршка на американскиот предлог.
Велат дека донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање на резолуциите на Генералното собрание не треба да бидат толкувани како промена на нашите позиции.
Напротив, Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и ја осудува агресијата од страна на Русија, наведоа од МНР во соопштението.
Петар Догов