Градска општа болница, Осми септември во иднина треба да стане регионален центар за лекување на пациенти од Скопје, Велес и Куманово, а децениските ветувања за изградба на нов клинички центар ќе почекаат. Но за да се случи тоа потребни се законски измени, вели директорот на Фондот за здравство. Додава дека болницата има голем број болнички кревети но и добра инфраструктура, па очекувано е таму да се инвестира за да може да се намали притисокот врз Клинички центар.
„Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември’, вели Сашо Клековски директор на Фонд за здравствено осигурување.
Клековски вели дека во извештаите на Светската здравствена организација се препорачува реорганизација на здравството.
„Морам да кажам дека во ‘8 Септември’ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија“, вели Сашо Клековски директор на Фонд за здравствено осигурување.
Почетниот буџет на Фондот за здравство за годинава е 868 милиони евра, што е за 113 милиони поголем од ланскиот, со што треба да се подобри здравствената заштита. Зголемени се и средствата за дијагностички лаборатории, со цел да се намали времето на чекање за услугите, изјави денеска директорот Клековски кој го презентираше буџетотот на Фондот за 2025 година.
Симона Петровска
