Од пристигнати 2888 пријави на конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес, комисиите при Министерството за култура и туризам поддржале 1365 апликации, кажа министерот Љутков.
Според него приоритет годинава во финансирањето имаат националните установи, каде по спроведениот увид на терен, е констатирано дека се целосно девастирани. За 18 национални установи е доделен делегиран буџет, кој им дава автономност, но и одговорност на директорите при одлучувањето за што ќе потрошат повеќе пари.
Министерот не знаеше да каже колку вкупно средства тие добиле и рече дека имаат обврска да ги објават сумите .
Тие ќе бидат должни после прес конференцијата , секоја национална установа , поготово тие кои имаат добиено делегиран буџет, да си ги објават сумите и програмите што ќе ги работат , на нивните веб страни, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
А, за одобрените проекти по области и активности , буџетот изнесува 814 милиони денари или над 13 милиони евра. Тој е за над 1 милион евра поголем во однос на минатата година, кажа министерот Љутков.
Во оваа сума е предвиден посебен буџет за Креативните индустрии, за кои конкурсот ќе биде објавен во следниот период. А, проектите од Интердисциплинарна се префрлаат во Мултидисциплинарна дејност.
Интердисциплинарните се незаконски во однос на Законот што го имаме ние. И од тие причини нема да се објави, не постои таа програма. И е префрлена како Мултидисциплинарни, кои што се разбира дека ќе бидат поддржани проекти во делот на Мултидисциплинарните програми, кажа министерот Љутков.
Во однос на лани, буџетот за Драмска дејност е зголемен за 40%, за Библиотечна, Меѓународна дејност и Заштита на аудиовизуелни добра, за 30%, а за Визуелни уметности, архитектура и дизајн и за Издавачка дејност, за 25%.
По спроведената анализа во секторот Заштита на културното наследство , утврден е застој на речиси сите проекти. Дел од нив се започнати во 2013 и сѐ уште не се завршени, кажа министерот.
Поради тоа сега се подготвува Повеќегодишен план, со динамика за соодветна заштита, презентација и промоција на спомениците на културата. Но , Скопското Кале и црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани.
Сотир Трајков