Оркестарот на Македонската филхармонија на 28 октомври ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот.
Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80 годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.
Културата е најсилeн дипломатски инструмент на една држава. Македонската филхармонија, со својот настап во „Музикферајн“ ќе ја презентира македонската традиција пред меѓународната јавност и ќе придонесе за подобрување на имиџот на земјата и нејзино поврзување со светските културни и уметнички центри. Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ не е само уште еден настап на нашиот оркестар. Станува збор за историски момент за македонската култура кој докажува дека нашата земја има вреден уметнички потенцијал кој ќе отвори нови перспективи за македонската музика на меѓународната сцена. Не постои подобра завршница на годината во која нашата институција прослави 80 години од формирањето, од настап во овој светски „храм на музиката“ и една од најпрестижните музички сцени во светот, вели Александар Котевски, в.д. директор на Македонската филхармонија.