Прв долгометражен филм и веднаш голем успех. Дебитантскиот игран филм на режисерот и сценарист, Георги Унковски „ Диџеј Ахмет“, на годинашното издание на Интернационалниот фестивал за независен филм „ Санденс“, освои две награди: Од публиката, во програмата Светски филм и Специјална награда од жирито за креативна визија. Чувството е како да сме ја освоиле „ Лигата на шампиони “. Успеавме да покажеме дека можеме да се носиме рамо до рамо со најдобрите во светот и дека имаме нова генерација на филмаџии за кои допрва ќе се слуша. Ова е пораката што ја доби Телма од режисерот Георги Унковски, кого со екипата го најдовме во Франкфурт, на враќање од фестивалот во САД кон Македонија.
- „Чувството е како да сме ја освоиле „ Лигата на шампиони“. Иако сме преморени и едвај чекаме да си дојдеме дома, мислам дека допрва ќе слушаме за „ Диџеј Ахмет“. Ова е само почеток на приказната за овој филм, кој што ќе има долг и меѓународен живот. Успеавме да покажеме дека можеме да се носиме рамо до рамо со најдобрите во светот и дека имаме една нова генерација на филмаџии, за кои допрва ќе се слуша“ изјави Георги Унковски-режисер на наградениот филм „Диџеј Ахмет“.
Филмот го следи созревањето на 15- годишниот Ахмет, кој останува без мајка и се судира со традиционалните вредности на неговата јуручка заедница, но тука е и неговата прва љубов, за која се бори зашто е ветена на друг. Жанровски, „ Диџеј Ахмет“, е спој на драма и комедија, а во него се зборува на македонски и турски јазик. Се снимаше во радовишките села Коџалија и Али Коч и во Скопје. Главните улоги им се доверени на Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. На сценографијата работеа Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф е Роза Трајческа- Ристовска, шминката и маската се на Душица Вуксановиќ, а монтажата е на Михал Раих. Работен е како копродукција меѓу Македонија, Чешка и Србија, а продуценти се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Режисерот се надева дека успехот на филмот на „ Санденс“, ќе инспирира посериозна поддршка за младите филмски автори во земјава.
- „Се надеваме дека со овој успех ќе инспирираме во Македонија, посериозно и поактивно да се поддржуваат младите автори и филмот како уметност да ја добие поддршката што ја заслужува“ изјави Георги Унковски- режисер на наградениот филм „ Диџеј Ахмет“.
По светската премиера на „ Санденс“ , „ Холивуд рипортер“ го опиша „ Диџеј Ахмет“ како инспиративна приказна за созревањето, а „ Скринанархи“ го пофали како солидно деби на Георги Унковски. Неговиот краток филм „ Налепница“ во 2020 година исто така беше прикажан на „Санденс“.
Сотир Трајков