Ниту една компанија не ги исполнувала условите за да копа јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола. Од ЕСМ соопштуваат дека идната недела ќе се распише нов оглас, но овој пат ќе има олеснување на критериумите кои ќе треба да ги исполнат фирмите. Од компанијата велат дека тоа се прави за да има поголема конкуренција односно повеќе фирми да можат да достават своја понуда.
Констатирано е дека наведените критериуми во делот на референците што се однесуваа на исполнување на најмалку една услуга за ископ од минимум 500.000 тони јаглен во последните три години, и извршени услуги за ископ на земјени или карпести маси или руда во износ од минимум 3 милиони метри кубни – кумулативно во последните три години, драстично ја ограничиле конкуренцијата, се вели во дописот од ЕСМ.
Од електрани уверуваа дека пролонгирањето на избор на фирма нема да влијае на роковите и вредноста од договорот со привремено ангажираниот економски оператор за ископ на јаглен и јаловина.
ЕСМ во четири очи потпиша договор вреден над 70 милиони денари односно до 1 милион и 150 илјади евра со фирмата Топлина Подмоље за ископ на јаглен и јаловина во рудникот Брод- Гнеотино во Рек Битола.
Од ЕСМ уверуваат дека оваа компанија понудила 15 проценти пониска цена во споредба со претходниот оператор Марковски компани со која РЕК го раскина договорот поради непочитување на обврските.
Инаку, Топлина Подмоље заедно со уште две компании од Струмица СИМ Инженеринг и Јавор Транс кои се поврзуваа со со луѓе блиски до семејството на поранешниот премиер Заев беше подизведувач во Марковски компани во раскинатиот договор.
Ирена Чачкова