Напуштила работно место за кое имала решение на неопределено време и прифатила да биде нототекат во Македонската филхармонија, со договор на определено време, за да напредува во кариерата.
Диригентката Дијани Имери Илкоска се жали дека по две години ангажман во Филхармонијата, ја изгубила работата, како што кажа, поради суета и нетрпеливост од раководството. За неа институцијата побарала од Министерството за култура продолжување на работниот однос, но на определено време, согласно Анекс договорот, а не ја вметнале во Планот за вработувања за оваа година и немаат потреба да ја задржат.
„Сега велат дека нема, а бараат продолжување на мојот договор на определено. Значи има или нема? – Што се смени во меѓувреме? – Значи, од сето ова произлегува дека е лична суета, личен анимозитет, кој што е неоснован“, вели директорката Имери-Илкоска.
А, откако не добила одговор зошто по две години работа како нототекар, согласно ЗРО не и е трансформирано работното место, Имери Илкоска преку адвокат ја тужела Филхармонија. Добила забрана за влез во институцијата, како и останатите четворијца од установата, кои не добија договори на неопределено време.
„Па, знаете ли колку луѓе не се во работен однос? – Завршен им е работниот однос во Филхармонија. А, на паркингот си паркираат, имаат картичка со која слободно циркулираат во зградата, влегуваат во администрација, каде што се сите документи, доверливи, недоверливи, не навлегувам. Но, сега Дијана е проблем“, вели Имери Илкоска.
Од Филхармонија во демантот велат дека за работните места на Имери Илкоска и за останатите тројца што извисија, а беа дел од техничкиот и продуцентскиот сектор на институцијата, согласно Законот за култура од 2022 година, биле предвидени работни места на неопределено време. Но, претходната директорка Тина Иванова се согласила огласите да се спроведат за определено време.
„Непознато е зошто тогашната директорка решила и се согласила да ги спроведе огласите на определено и покрај укажувањата на правната служба на установата, дека истото е противзаконско. Сметаме дека целиот овој проблем, произлегува токму од овој клучен момент, а сегашното раководство истиот само го наследува“, соопштуваат од Филхармонија.
Работните места пополнети со договори на определено не треба да се внесуваат во планот за вработување, согласно Законот за вработени во јавниот сектор и Методологијата за начинот на пополнување на плановите, а забраната за влез во институцијата е за сите на кои им престанал работниот однос. Но, на Дијана Имери Илкоска не ѝ е забрането да пристапи до зградата и да си ги подигне личните работи“, дополнуваат од Македонската филхармонија.
А, од Синдикатот за култура очекуваат набрзо да бидат одобрени средства од Министерството за финансии, за сите примени со договор на дело или на определено време, за кои е побарано продолжување на работниот однос. И останува да биде решен статусот на тромбонистот Никола Ристевски, за кој не беше побарана трансформација на работното место од определено на неопределено време. За петмината е покрената петиција, досега потпишана од над 1.000 граѓани, во која се бара надлежните да ја исправат нанесената неправда кон нив.
Сотир Трајков