Работел хонорарно во Македонската филхармонија десетина години , скоро 5 бил вработен на определено време, а сега е без работа.
Тромбонистот Никола Ристевски се жали дека по долги години работа во нашиот најголем симфониски оркестар, за него раководството не побарало трансформација на работното место на неопределено време, од почетокот на годинава.
Вели, проблемите за него започнале откако не се потпишал на петицијата против сместување на Националниот џез оркестар во објектот на Филхармонијата, а очекувал да биде примен согласно измените на Законот за култура од декември , минатата година.
На петтата година по тој закон требаше да добијам решение на неопределено време. И заради некои лични каприци се одлучи да не се побара моето решение да биде уважено како на неопределено. Едноставно, не мислев дека може ова да се случи и дека ќе се дозволи ова. И јас сум во шок, без зборови. Немам коментар, го допревме дното, вели Никола Ристевски, тромбонист.
На уште четири лица од Македонската филхармонија, од техничкиот и продуцентскиот сектор не им се продолжени договорите. Се работи за Дијана Илковска Имери -нототекар, Симона Симуновска -асистент продуцент, Антоние Весковски – соработник за сценско- музичка дејност и Ален Хаџи Стефанов – тон мајстор.
За нив и за Никола Ристевски веќе е покрената петиција на социјалните мрежи, засега потпишана од 750 граѓани, во која се бара надлежните да ја исправат нанесената неправда кон петмината.
Од Синдикатот за култура велат дека Македонската филхармонија требало да обезбеди работно место за Никола Ристевски со систематизацијата, за да може тоа да биде трансформирано, согласно законските измени. А, останатите четворица не се опфатени во измените на Законот за култура бидејќи не се уметници од А категорија.
Тоа може да се види од членот 49, каде стои дека за трансформацијата на работните места од определено на неопределено време, одлучува јавната установа по утврдена потреба од нивно вработување, за непречено вршење на дејноста. Но, за четворицата се испратени барања до Министерството за финансии, за продолжување на договорите за работа, дополнуваат од СКРМ.
А, од Македонската филхармонија демантираат дека на Ристевски не му е продолжен договорот поради непотпишувањето на петицијата против сместувањето на Џез оркестарот во нивниот објект и дека нема објективна причина , ниту законска обврска за трансформација на работниот однос, имајќи ги предвид одредбите од Законот за култура.
Престанокот на работниот однос на Никола Ристевски произлегува од
правата и обврските, поврзани со неговиот договор за вработување на определено време, а кои се предвидени во Законот за работните односи. Конкретниот договор за вработување истече на 31.12.2024 година, поради што следеше престанок на работниот однос, велат од Македонската филхармонија.
А, за останатите четири лица од техничкиот и продуцентскиот сектор установата не добила согласност за продолжување на договорите, со што не се обезбедени финансиски средства како услов за нивно понатамошно вработување, дополнуваат од Филхармонијата.
Сотир Трајков