Дали ЕСМ ќе треба да подигне нов кредит и од каде, менаџментот на компанијата допрва ќе одлучува. Електрани веќе подолго време не работи најдобро и е со голем минус. Во буџетот пари за нив не се предвидени, но не им се овозможи ниту да аплицираат за унгарските пари кои владата ги презентира како прилично поволни во овие услови и реши да се пласираат кај приватните фирми и општините.
Па, така ЕСМ пред извесно време за да се раздолжува успеа да позајми 80 милиони евра од неколку домашни банки, со повисоки трошоци од оние на бизнисот и локалната самоуправа. Но, од менаџментот на ЕСМ сметаат дека сепак успеале да земат поволен кредит на домашен пазар. Ако се случи да не можат да го враќаат, тоа ќе треба да го прави владата преку буџетските средства.
„Нас ни беше овозможено да преговараме со комерцијалните баки и успеавме да договориме кредит по најдобри услови. Условите од унгарскиот кредит се за друга намена и апсолутно тие не биле предвидени за поддршка на ЕСМ“, вели генералниот директор на ЕСМ, Лазар Узунчев.
И првиот регулатор Бислимовски смета дека пред ЕСМ е еден сериозен период во кој ќе мора да најдат начин да го зголемат производството, да ги намали трошоците, но и да бидат поактивна на отворениот пазар.
Пред извесно време ЕСМ го раскина и договор со компанијата „Марковски“ за ископ на јаглен. Од ЕСМ велат дека засега од таму не се пожалиле. Објавен е нов повик за избор на фирма која ќе го врши ископот, но Марковски нема да можат да се јават.
„Кој ќе копа ќе покаже времето кога ќе заврши целата постапка. И „Марковски“ за сега нема пратено жалба, ниту го има обжалено раскинувањето на договорот, ниту активирањето на банкарската гаранција“, додава Узунчев.
Според последните податоци на министерството за финансии, во третиот квартал електрани се во минус од над 20 милиони евра. Но, паралелно компанијата прави набавки на струја за да ги покрие домашните потреби. Само за овој месец за купување струја, ЕСМ ќе треба да плати околу 20 милиони евра, приближно колку нивната загуба. Со овој минус компанијата се најде на врвот на листата на загубари од финансии.
Ирена Чачкова
