Даноците нема да растат, старосната граница нема да се зголемува. Препораките од Светска банка за премиерот Мицкоски се неприфатливи. Целосно ја почитувал оваа институција, но планот е наместо со зголемување на давачките, со засилена борба против сивата економија да се полни буџетот и да се решаваат проблемите во ПИОМ. Претходно и од фискалниот совет излегоа со слични препораки за намалување на дефицитот во фондот.
„Ќе обезбедиме да останат истите услови на пазарот, а притоа сите кои се дел од сивата економија преку мерките кои ќе ги преземеме да ги предупредиме дека треба да бидат дел од формалниот пазар и сите оние кои работата надвор од формалната економија да влезат во онаа бела зона и на тој начин да ги зголемиме буџетските приходи. Еден од начините е Е-фактура“, вели премиерот Христијан Мицкоски
Сивата економија е проблем за кој секоја Влада зборува дека ќе се реши со засилена борба. Но, бројките со години никако да се променат. Според податоците, изнесува околу 30 отсто, а работата на црно ја чини државата околу 700 милиони евра годишно. Бизнисот долго алармира да се стави крај. Па, останува да се види дали овој пат ќе се успее во тоа.
И од фискалниот совет и од Светска банка сметаат дека дефицитот во ПИОМ мора да се реши. Ако не се преземе нешто, зависноста на фондот од буџетот ќе расте, а ќе продолжи да се зголемува и сумата која од државната каса се префрла таму. Така, на пример, за идната година од буџетот во ПИОМ одат над 800 милиони евра за да може да функционира.
Од Банката предлагаат и намалување на царинските олеснувања во ТИРЗ зоните, да се деполитизира јавниот сектор, да се направат и корекции кај акцизата, да се елиминира поддршката за тутунопроизводството и на тендерите со само еден понудувач.
Ирена Чачкова
