Јужнокорејската опозиција започна постапка за отповикување на претседателот Јун Сук Јеол по неговиот неуспешен обид да воведе воена состојба во земјата. Предлог-законот се очекува да биде разгледан во Националното собрание на Јужна Кореја, а гласањето за импичмент е предвидено да се одржи наредните денови. За да биде симнат од функцијата опозицијата која брои мнозинство треба да добие поддршка од 200 членови во парламентот од вкупно 300.
Премиерот на Јужна Кореја, Хан Дук-су, изјави дека ќе продолжи да му служи на народот, иако земјата беше во центарот на политичка криза. Во своето обраќање, тој се извини за големата вознемиреност што ја предизвикала оваа ситуација и нагласи дека Владата и јавните службеници ќе работат на обезбедување на безбедноста на граѓаните и на враќањето на секојдневниот живот.
- „Јун нема да се двоуми да предизвика големо уништување за мали придобивки. Постои голема можност тој да ги загрози животите на луѓето со провокација на Северна Кореја, да предизвика хаос во близина на воената демаркациона линија и на крајот да предизвика вооружен судир. Почитувани граѓани, треба да се борите покрај нас“ изјави Ли Јае-Мјунг, лидер на Демократската партија.
Во исто време, шефот на кабинетот на претседателот Јун Сук-јеол, министерот за одбрана и други високи функционери поднесоа колективна оставка. Протести продолжуваат во Сеул, а најголемата синдикална организација започна штрајк.
Парламентот на Јужна Кореја воведе забрана за влез во зградата на Националното собрание на сите одбранбени службеници и полицајци.
- „Откако претседателот прогласи воена состојба, Националното собрание беше незаконски затворено, а пристапот на пратениците до Националното собрание, кој е загарантиран со Уставот и законите, беше блокиран. Чинот на газење на Националното собрание со мобилизирање војска ги прекршува правата на нашите граѓани. Секретаријатот на Националното собрание им забрани на сите претставници на одбраната и полицијата да влезат во зградата на Националното собрание“ изјави Ким Мин-ки, генералниот секретар на Националното собрание.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата ги следи настаните во Јужна Кореја, но дека не планира да ја коментира внатрешно-политичката ситуација во земјата. Руте нагласи дека Јужна Кореја е важен партнер за НАТО.
- „Ги следиме настаните во Република Кореја и Јужна Кореја чекор по чекор. И ние сме многу заинтересирани за тоа како ова ќе се развива понатаму. Не сакам да коментирам сега бидејќи Корејците самите во овој момент се обидуваат да ја стабилизираат ја ситуацијата“ изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Во Вашингтон, Белата куќа изрази загриженост за настаните, соопштувајќи дека не била однапред информирана за прогласувањето на воената состојба. Пентагон потврди дека ова нема да влијае на американските воени сили стационирани во Јужна Кореја и потенцираат дека ситуацијата ја следат со внимание.
Tea Димковска