Во Македонија има 350 бездомни лица, но таа бројка не е конечна. Од нив само 32 до 40 бездомници се сместуваат на пунктот во Момин Поток, за новогодишните празници. А, каде престојуваат останатите бездомни лица од Скопје и од внатрешноста, за време на студените зимски месеци? – Ова прашање денеска го постави претседателот на невладината организација „Градиме иднина“, кој бара од Црвениот Крст на Град Скопје и од републичкиот Црвен Крст, згрижување на бездомниците во критичниот период од годината, подолго од досегашните три месеци.
„Ние бараме пред сѐ одговор да ни дадат, отчет за сработеното, зошто во 365 дена само три месеци се грижат за бездомните лица и се згрижуваат од месец декември- 30.12.2024 и во изминатите години. Зошто токму пред Нова година се згрижуваат овие бездомни лица, кога животните, кога кучињата, уличните имаат покрив над глава, свој дом и кога граѓаните имаат, го заслучуваат ова од барањето на граѓаните, заслужуваат и бездомните лица“, изјави Илија Јовановиќ, претседател на НВО „Градиме иднина“.
Јавановиќ, исто така, бара од Владата, од ресорите социјална политика, здравство и од Финансиската полиција, да истражат каде завршиле донациите од компаниите – по 50 евра од бездомник, давани во изминатите 14 години за нивно сместување.
Од Црвен Крст на Македонија ги демантираат наводите на Јовановиќ за донациите и велат дека сместувањето на оваа категорија граѓани на пунктот во Момин Поток го реализираат од нивни средства, од локалната самоуправа и од корпоративниот сектор. А, за сместувањето на бездомниците, со одговор дека во останатите месеци пунктот работи два дена во неделата, во среда и петок и таму можат да одржуваат лична хигиена, да добијат топол оброк, да ја менуваат облеката, да добијат медицинска нега и психо-социјална поддршка.
„Во текот на зимата пунктот во Момин Поток е отворен 24 часа, зависно од временските услови. Тоа значи дека бездомниците можат да се сместат и останат колку што им е потребно. Трајното сместување на оваа категорија граѓани во Чичино Село оди преку центрите за социјална работа, во коодинација со Министерството за социјална политика, демографија и млади“, информираат од Црвен Крст на Република Македонија.
Од „Градиме иднина“ веќе доставиле до надлежните листа со 20 барања, меѓу кои се измените на Законот за семејство, со цел замрзнување на имотите на бездомниците, за да можат да ги предадат на нивните наследници, но и таквите биолошки родители кои се на улица во иднина да бидат згрижени од нивните деца.
Сотир Трајков