Синдикат кој е политички инструиран, претседател кој на сомнителен начин e на чело на ССМ, кој пак имал само една цел – да обезбеди повисоки плати без да побара средба и да имаме дијалог.
Од ова се состои одговорот на премиерот Мицкоски кој вчера во отвореното студио на МРТВ беше прашан како тоа економијата е во фокусот на Владата ако во првите 100 дена немале средба со синдикатите, а бизнисот се пожали дека за нив во овие три месеци не направиле ништо.
„Може би тој е една од ретките институции кои се политички инструирани, па дури не почекаа ни стотина дена веднаш почнаа да ја напаѓаат Владата односно не почекаа ни 10 дена бидејќи од прилика тогаш почна претседателот на ССМ кои што на сомнителен начин е претседател на ССМ да ја напаѓа новата Влада и единствената негова порака и напад беше да нападне со цел да обезбеди повисоки плати ,без притоа воопшто да има било каков параметар на располагање и заедно да разговараме и без притоа воопшто да побара средба и да оствариме било каков дијалог или разговор“, изјави премиерот Христијан Мицкоски во Отворено студио на МРТ.
Телма дојде до два писма. Едното е испратено на почетокот на јули, неколку дена по доаѓањето на новата Влада. Во него освен честитки од ССМ до премиерот Мицкоски, пишува и дека синдикатот очекува во наредните денови, да биде и првата средба на која би се дискутирало за сите важни прашања и за порастот на платите.
Второто писмо ССМ го адресира до премиерот Мицкоски, министерот за економија Дурмиши и министерката за финансии Кочоска.
Во него пишува дека со оглед на тоа што се наоѓаме во процес на подготовка на буџетот за следната година, донеле заклучок да достават барање до нив и дека е неопходно формирање на работнa групи од ССМ, Владата и надлежните министерства која што поскоро треба да почне со работа и би се разгледале сите прашања пред да се скрои новата државна каса.
Претседателот кој за премиерот е на сомнителен начин на чело на ССМ, очигледно не беше и за пратениците од редовите на ВМРО ДПМНЕ и тогаш дополнителниот заменик министер Андоновски. На барање на ССМ тие на почетокот на годинава оствариле средба на која дискутирале за забелешките и барањата на синдикатите, но и за повисоки плати.
ССМ уште пред изборите апелираше без разлика кој и да ја предводи Владата во првите 100 дена да ја зголемат минималната плата затоа што според нивните пресметки таа е една од пониските во регионот.
За ова прашање, првично премиерот зборуваше дека буџетот кој го наследиле е во лоша состојба па ќе им го даде на увид на ССМ, а сега испорача критика дека се партиски инструирани и фрли сомнеж на неговата легитимност.
Ирена Чачкова